„Витаминка“ го набилда извозот до 4,3 милиони евра за три месеци: Колку порасна добивката?
Одличен квартал за прилепска „Витаминка“. Растат приходите од продажба дома, расте извозот и оперативната добивка. Нето добивката за три месеци е над 200.000 евра и тоа е за 54 отсто подобро од истиот период лани!
Најголемата македонска кондиторско-прехранбена индустрија има одличен квартал. Резултатот ќе ги зарадува акционерите, но и ќе даде стимул и за тргувањето на нашата берза затоа што акцијата на „Витаминка“ е материјал за тргување што секој сака да го има во портфолио.
Официјалните податоци на „Витаминка“ покажуваат дека приходите од продажба достигнале 11,5 милиони евра што е за 13 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Расте продажбата дома, расте и извозот!
На домашниот пазар овој реномиран домашен бренд производител за храна и кондиторски продукти продаде стоки во вредност од 7,1 милиони евра што е за 14 отсто повеќе од првите три месеци лани. Извозот до крај на март достигна 4,3 милиони евра и порасна за 421.000 евра односно за 11 отсто.
Оперативните расходи на оваа голема компанија со седиште во Прилеп за првите три месеци изнесуваат 11,4 милиони евра. Најголема расходна ставка се трошоците за суровини и други материјали кои изнесуваат 7,6 милиони евра и се за 20 отсто поголеми од претходниот споредбен период. Втора најголема трошочна ставка се платите и надоместоците за вработените кои изнесуваат 1,5 милиони евра.
Оперативната добивка на „Витаминка“ во првиот квартал изнесува 360.000 евра и во однос на истиот период лани е зголемена за 22 отсто.
Финансиските расходи изнесувале 135.000 евра и се значајно поголеми од финансиските приходи иако бележат намалување од 10 отсто во однос на 2020 година.
По нивното одбивање од оперативната добивка друштвото книжи нето добивка од 202.500 евра за три месеци и тоа е за 54 отсто повеќе од истиот период лани.
Р.Ф.