Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ВИТАМИНКА“ ДРЖИ НИВО! Како најголемата домашна прехранбена индустрија инкасираше 59,3 милиони евра?

„ВИТАМИНКА“ ДРЖИ НИВО! Како најголемата домашна прехранбена индустрија инкасираше 59,3 милиони евра?

„Витаминка“ ја одржува својата пазарна позиција дома, успеа да го зголеми и извозот и да ја одржи добивката на ниво од претходната година. И понатаму најголем предизвик за компанијата остануваат финансиските расходи и нивото на кредитна изложеност

„Витаминка“ успеа да ја зголеми продажбата во 2024 година за 7 отсто, а при тоа од извоз на своите производи инкасираше 36,2 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи на најголемата македонска кондиторско-прехранбена компанија.

Во годината која помина во бројни и значајни регионални и континентални неизвесности, војни и инфлаторни и кредитни ризици „Витаминка“ успеа да го зголеми извозот за 11 отсто и тоа е резултат за почит.

Вкупната продажба на „Витаминка“ надмина 59 милиони евра и тоа е за 7 отсто подобро остварување од претходната споредбена 2023 година.

Иако не голем во бројки, но сепак значаен, придонес за „Витаминка“ даваат и останатите оперативни приходи кои лани изнесувале 1,32 милиони евра и се за 24 отсто повисоки од претходната споредбена година.

Оперативните расходи на прилепската компанија за лани изнесуваат 58,6 милиони евра и се повисоки за 7 отсто во споредба со 2023 година. Очекувано и логично најголема трошковна ставка се суровините и други материјали и за нив „Витаминка“ платила 37,15 милиони евра. И тие растат за 7 отсто во однос на 2023 година. Значајно зголемување има кај трошоците за вработените. За нив „Витаминка“ издвоила 9,28 милиони евра што е за 17 отсто повеќе од претходната година. Овој параметар покажува дека „Витаминка“ е посветена на мотивација на своите вработени од кои очекува за возврат лојалност и продуктивност.

Услугите со карактер на материјални трошоци се трета најголема ставка и нивната вредност е 4 милиони евра.

Оперативната добивка на прилепската компанија изнесува 2 милиони евра и е пониска за 11 отсто во споредба со претходната година.

Клучен предизвик на „Витаминка“ и лани се финансиските расходи. Тие изнесувале 1,19 милиони евра и се за 5 отсто повисоко од 2023 година.

Нето добивката изнесува 1,07 милиони евра и е за 4 отсто пониска од претходната споредбена година. Тука нема значајни поместувања.

Билансот на состојба покажува значајно зголемување на вложувањата во финансиски средства и тие се удвоени лани во споредба со 2023 година.

Вредноста на тековните средства бележи зголемување од 8 отсто и тоа е пред се заради зголемените побарувања од купувачи кои на крај на 2024 година надминале 10 милиони евра.

Што се однесува до обврските на друштвото тука е евидентно зголемување за 5 отсто. Вредноста на обврските е 36 милиони евра. Вредноста на тековните обврски на компанијата е повисока од 20 милиони евра, а од тоа краткорочни обврски по кредити и хартии од вредност се 9,8 милиони евра. Долгорочните кредитни обврски изнесуваат 15,6 милиони евра и тие се исти како и претходната година.

Н.С.


Слично

Поврзани вести