Економија, финансии, бизнис

Контакт

Уништени над 40 тони јајца и изречени казни од 19.000 евра: АХВ со засилени контроли пред Велигден

Уништени над 40 тони јајца и изречени казни од 19.000 евра: АХВ со засилени контроли пред Велигден

Агенција за храна и ветеринарство спроведе 1.221 вонредна инспекциска контрола во пресрет на велигденските празници, при што се изречени парични казни во вкупен износ од над 19.000 евра во денарска противвредност.

Како што информираат од АХВ, при контролите биле уништени повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло.

Дополнително, на депонијата Дрисла биле нештетно уништени и над 40 тони небезбедни јајца со потекло од Србија, кои биле спречени да влезат на домашниот пазар.

-За утврдените недоследности, донесени се 35 решенија за нивно отстранување и изречени се шест опомени – информираат од АХВ.

Инспекциските контроли откриле низа прекршувања, меѓу кои пласирање храна со истечен рок, употреба на замрзнато месо во подготовка на производи, како и несоодветно означување на храната.

Во текот на контролите било утврдено дека седум објекти не биле регистрирани како оператори со храна, три не спровеле задолжителни здравствени прегледи за вработените, додека кај 13 оператори биле констатирани незадоволителни хигиенски и технички услови.

Од АХВ посочуваат дека контролите биле насочени кон сите сегменти од синџирот на храна, со цел да се спречи пласирање небезбедни производи и да се сузбие нелегалната трговија во пресрет на празниците.


Слично

Поврзани вести