Трамп – шанса за силна ЕУ
Помина повеќе од еден месец од почетокот на војната во Иран. Вашингтон ветувајќи дека ќе ја заврши за неколку денови, недели, а не месеци, само ја ескалира. Од утре чекаме да видиме што ќе стане со најновиот ултиматум на претседателот Доналд Трамп. Или, пак, тој ќе биде само уште една негова нова противречна изјава. Оптимизмот на Американците како да пресушува. Условите за мир на САД и Иран не се совпаѓаат, а во нивната позадина стои Израел.
Пазарите во светот, не само на енергенсите, како да не веруваат во некаков траен договор. Станува очигледно дека последиците од војната ќе ги осетат не само земјите од Блискиот исток, туку и Европа и Далечниот Исток. За Европа тоа е шанса што не би требало да ја испушти. Да стане силна во секој поглед. И покрај тоа што не сака до крај да се одвои од американската цицка, но и внатрешните спротивставености не и го овозможуваат тој чекор. А антиамериканизмот во светот расте. Дури и кај сојузниците на САД.
Вo неодамнешна анкета на Politico, анкетираните ги прашале кому повеќе му доверуваат, на Кина или на САД, 57 проценти од Канаѓаните, 40 проценти од Германците и 42 проценти од Британците ја избрале комунистичка Кина. И во анкета на „Галуп“ за 2025 година, речиси истиот став на анкетираните. Кина, како лидер, поприфатлива од САД! Во последните две децении „Галуп“, како дел од својата годишна светска анкета, ги прашуваше жителите на секоја анкетирана земја да го оценат лидерството на четирите водечки економски или воени сили - САД, Кина, Русија и Германија. Најновите резултати се базираат на анкети на „Галуп“ спроведени во повеќе од 130 земји. Резултатите претходат на неколку големи случувања на почетокот на 2026 година, вклучувајќи го повлекувањето на САД од 66 меѓународни организации во јануари и избувнувањето на војната со Иран кон крајот на февруари. Кој знае какви ќе бидат резултатите за оваа година?
Она што го правеше Трамп од неговото инаугурирање лани во јануари, само подлеваше масло во огнот. И ги оддалечуваше неговите сојузници подалеку од САД. И тие заминуваа во Кина. И германскиот канцелар, и францускиот претседател и канадскиот премиер.., беа кај Шји Џинпинг, што сигурно не му се допаѓа на Трамп. Европејците најчесто не знаат како да реагираат кон неговите потези. Околу Иран речиси сите беа едногласни, велеа „ова не е наша војна“, освен Романија која ги отстапки базите за Американците и Унгарија. „Пријателката“ на Трамп, италијанската премиерка Џорџија Мелони, предупреди дека постапките на САД довеле до „криза на меѓународното право и мултилатералните институции“ и „колапс на глобалниот поредок“.
БЛЕДА СЕНКА
Отпорот на Европа и сојузниците кон Трамп почна уште лани, кога тој се намерачи на Гренланд, автономната данска територија. Со симболични потези некои членки на ЕУ покажаа пркос кон меракот на Трамп да ја приклучи таа територија кон САД. Истовремено на ЕУ и успеа да го фати Трамп во „добрите“, па тој се согласи заедно со неа да подготват план од 20 точки за мир во Украина. Иако претходно имаше негов план од 29 точки, кој никако не беше прифатлив за Украина, пред се, но и за Европејците. На тој начин тие направија чекор кој ги доближи до нивно учество во постигнувањето на некој иден мировен договор меѓу Русија и Украина. Иако, за волја на вистината, последниот збор ќе го имаат САД, Русија и Украина. Но Европа ќе може многу да притиска договорот да биде што поприфатлив за Украина. Е, сега, колку такво нешто ќе дозволат САД и Русија, останува на Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин. Шансата за притисок од ЕУ е голема, особено што Трамп по војната против Иран, независно од резултатот, ќе биде бледа сенка на претседателскиот кандидат, кој ветуваше се’ и сешто во полза на мирот во светот.
Царините што ги наметна Вашингтон лани ги погодија сојузниците на САД барем толку силно колку што ја погодија и Кина - а во некои случаи, дури и потешко. Првиот човек на Унијата, Урсула фон дер Лајен, цупкаше на средбата со американскиот претседател, околу договорот постигнат минатиот јули во голф-центарот на Трамп во Шкотска. Но сега таа ги има адутите во рака. Пред две недели амбасадорот на САД во ЕУ, Ендрју Паздер, го повика Европскиот парламент да го поддржи трговскиот договор постигнат со претседателот Доналд Трамп, тврдејќи дека тоа ќе го отвори патот за поблиска трансатлантска соработка во енергетиката, технологијата и вештачката интелигенција. Паздер предупреди дека би било грешка да се дозволи договорот дополнително да се одложи. Паздер ја истакна и важноста на обврската на ЕУ да потроши 750 милијарди долари за американска енергија како дел од договорот. Неговите изјави доаѓаат во услови на растечко разочарување од САД, поради бавното темпо на спроведување од страна на ЕУ на нејзиниот дел од договорот, кој бараше од неа да ги елиминира увозните давачки за индустриски стоки од Соединетите Американски Држави. За потсетување, во јануари, Трговскиот комитет на Европскиот парламент го суспендираше гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД во знак на протест против барањата на Доналд Трамп за предавање на контролата врз Гренланд. Значи и ЕУ има свои адути во раце за игра со САД.
Во меѓувреме Германија почна да трага по слабостите на САД. Ќе се бараат мерки за големите американски технолошки компании, инвестициите во САД и снабдувањето со активни состојки за лекови. Последново е многу чувствително за Трамп. Германците почнаа да бараат ранливи точки во синџирите на снабдување во САД, што би можеле да се искористат за вршење притисок во случај на нова ескалација во односите со Вашингтон. Како што беше со Гренланд. А и сега со Иран. Целта е да постигне консензус меѓу земјите од ЕУ за тоа како тие можат да ја искористат својата моќ.
ЕВРОПСКИ ВОЕНИ БАЗИ
Европејците дискутираат за механизми за компензација за поддршка на земјите-членки кои се поранливи на одмазда од САД. Големи американски компании што се занимаваат со вештачката интелигенција делумно се потпираат на европски компоненти за своите центри за податоци. Германските власти се убедени дека контролата на извозот ќе стане уште поболно оружје против САД. САД остануваат зависни од европските производители на хемикалии што се користат во производството. Понатаму, европските компании ги испорачуваат активните состојки за речиси половина од сите лекови што се продаваат во САД и 90 проценти од инсулинот што Американците го користат секојдневно. Компаниите, исто така, учествуваат со повеќе од една третина од увозот на хемикалии за многу гранки на американската индустрија. ЕУ е исто така најголемиот извор на странски директни инвестиции во САД. Властите можат да ги елиминираат извозните стимулации за да ги пренасочат европските инвестиции од американскиот пазар. Европските влади и инвеститори поседуваат американски акции во вредност од приближно 10,4 трилиони долари, што претставува приближно 15,3 проценти од пазарот. Тие исто така поседуваат 3,4 трилиони долари во американски државни хартии од вредност и 2,9 трилиони долари во корпоративни обврзници. Ова претставува речиси половина од сите американски акции што ги поседуваат странски компании, приближно една третина од државните обврзници и хартии од вредност што ги поседуваат странски компании и 57 отсто од корпоративниот долг што го поседуваат надвор од САД.
Многу важно прашање е што германските власти, исто така, ја испитуваат улогата што ја играат европските воени бази во способноста на САД да проектираат сила низ целиот свет. Сепак, военото присуство на САД игра и фундаментална улога во обезбедувањето на безбедноста на ЕУ и тешко е да се замисли дека лидерите на ЕУ ќе преземаат каква било акција што би можела да го загрози ова. На примерот од последните најави на Трамп дека би можел да ја напушти Алијансата, ова е многу важно прашање. Но Европа веќе дебатира за заедничка одбрана. Таму се повикуваат на членот 42(7) од Договорот за Европската Унија, претходно во голема мера незабележан, а создаден во 2009 година. Тој ги обврзува сите земји-членки на ЕУ да ѝ помогнат на нападната земја и да обезбедат „цела помош и поддршка, колку што е во нивна моќ“. Ова е европската верзија на ветувањето за взаемна поддршка на НАТО. Веројатно Европа ќе работи во развивање на овој член. Зашто за многу земји не е јасно што тогаш со НАТО? За разлика од Алијансата, ЕУ нема командни структури, а ниту одржува заеднички воени вежби.
Германското списание Der Spiegel дојде до документи од расправа на темата - зедничка одбрана на ЕУ. Според нив се уште нема единство во ЕУ за таа работа. Ирска и Малта изразуваат „најочигледни сомнежи“. Претставниците на Ирска објаснуваат дека, поради сопствениот устав, таа не може да ги брани другите држави. Малта претпочита да ја продолжи дискусијата „на техничко ниво“. Другите земји сакаат да се фокусираат на НАТО: ЕУ не е воен играч, предупредува литванскиот претставник. Италија е исто така претпазлива. Најмногу што можат да разговараат за текот на дејствувањето во Советот на шефови на држави и влади. Франција, Шпанија, Холандија и Германија вршат притисок за забрзување на бирократскиот процес.
СЕ’ МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ
Заемната одбрана, за некои земји не е натпреварување со НАТО. Дискусијата открила „јасни разлики во пристапот“, што „не е добар знак за способноста на ЕУ да одговори на заканите во нестабилна геополитичка средина“. Оттука и заклучокот дека ЕУ „сè уште не ја сфатила геополитичката реалност“. Најверојатно, за почеток, членот 42(7) од Договорот за ЕУ бие применил на „цивилни и хибридни закани“, што би вклучувало напади врз критична инфраструктура, вклучително и сајбер напади. НАТО би останал одговорен за воената одбрана. Затоа што не би требало да се градат паралелни структури. А што ако не сакаат сите земји да учествуваат во овој план? Тогаш некои земји би можеле да формираат „коалиција на согласните“. Овој пат, не за да ја поддржи Украина, туку за доброто на цела Европа.
Дискусиите за заедничката одбрана на ЕУ се во зародиш, а реализацијата на некој резултат сигурно би била после неколку години. Заканите на Трамп против Гренланд „ги поместија работите напред“. Па тие замреа. А сега после Иран, одново се разгореа. Секако, за неколку години се’ може да се случи. Никој не знае кои политички сили ќе дојдат на власт во некои европски земји. Во недела во Унгарија, на пример. Во 2027 во Франција... А никој не знае и што се може да направи Трамп, па да не остане ништо од НАТО или, пак, тој да ја држи Алијансата во неизвесност за нејзината судбина, барем до крајот на неговиот мандат. Ако успее да го истера до крај. Кон ова треба да се додаде и изјавата на некогашниот руски претседател, Димитриј Медведев. Тој деновиве, имајќи ја предвид заедничката одбрана на ЕУ, рече дека Русија ќе се противи на членство на Украина и во ЕУ. Затоа што Унијата во таков случај би била нова воена алијанса. Која што би била закана за Русија. Русија засега не се противи на членство на Украина во ЕУ, но е категорично против. Што беше и една од причините за сегашната војна.
Европа е пред голем предизвик. Сега е шанса за неа да го фати возот наречен „нов светски поредок“. Да стане еден од половите на повеќе поларниот свет. Со 500 милиони население со и огромни економски капацитети таа би била еден од столбовите на светската економија и политика. Но и меѓународната безбедност. Прашањето е колку таа може да биде единствена во остварувањето на таква цел. Тоа е најважното прашање. Унијата е поделена со многу разделни линии. Единствена, но и не до крај, е околу војната во Украина. Некои членки се за почеток на преговори со Русија и вклучување на ЕУ во финалното решение за мирот. Други, пак, се за продолжување на војната до „истоштување на Русија“. Ова секако може да влијае врз иднината на Унијата. Многу работи ќе зависат и од епилогот на војната во Иран. И од тоа како ќе се однесува Трамп по нејзиното завршување. И неговите изјави за сојузниците, кои не му помогнале.
Како што стојат сега работите патот ќе биде многу тежок. Но ЕУ треба сама да одлучи. Дали ќе седи и натаму во скутот на САД, во секој поглед, или, пак, ќе се осамостои, ќе биде силна и ќе биде нивен рамноправен партнер. Унијата има уште неполни три години да размислува и да дебатира.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
