Скокот на цената на гасот е аларм – ако конфликтот трае, ќе следи сериозна енергетска криза, предупредува енергетичарот Андреевски
Ова се турбулентни денови со бројни предизвици и неизвесност – не само за нашата држава и регионот, туку и за глобалниот поредок. Се наоѓаме пред геополитичка, воена, а на повидок и енергетска криза, изјави енергетичарот и поранешен владин советник Митко Андреевски во емисијата „Топ Тема“.
Андреевски се осврна на наглиот раст на цените на природниот гас во последните два дена, по ескалацијата на судирот меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.
– Она што можеме да го забележиме овие два дена е огромен скок на цената на природниот гас, бидејќи најголемите извозници доаѓаат од Персискиот Залив и снабдуваат една петтина од светските потреби. Значителен дел од Европа, по санкциите кон Русија, се снабдува со гас од Катар – истакна Андреевски.
Според него, во изминатите два дена комплетно бил блокиран извозот на гас од Катар, вклучително и кон Европа, што предизвикало драматичен раст на цените.
– На најреферентната европска берза, во петокот тргувањето заврши со цена од 32 евра за мегават-час. Во понеделникот имавме скок од над 40 проценти – од 32 на 45 евра, а денес пикот околу 13 часот достигна 65 евра. Замислете производ кој во понеделник наутро чини 32 евра, а веќе во вторник напладне 65 евра. Тоа е практично двојно зголемување – рече Андреевски.
Сепак, тој посочи дека во последните неколку часа се бележи благо намалување и цената се стабилизира околу 53 евра.
Колку ќе трае кризата?
Андреевски смета дека клучно ќе биде времетраењето на конфликтот.
– Дали оваа криза ќе трае два дена, пет дена или еден месец е големо прашање. Ако се повтори сценариото од 12-дневниот конфликт и сè заврши релативно брзо, тогаш и цените ќе се стабилизираат. Сличен ефект видовме и лани, по нападите врз иранските нуклеарни постројки во јули – објасни тој.
Според него, доколку судирите траат кратко, последиците врз енергетскиот пазар ќе бидат ограничени. Но, ако кризата се продлабочи и транспортот на гас остане нарушен, може да следи сериозен притисок врз европските економии.
