Осум луѓе поседуваат богатство еднакво на 3,6 милијарди лица
Осум луѓе на планетата имаат богатство, еднакво на она што го поседуваат половина од најсиромашните на планетата или 3,6 милијарди луѓе.
Ситуацијата е „цинична" и „ги изострува нееднаквостите", покажа истражувањето на британската невладина организација Оксфам.
„Цинично е таквото богатство да е во рацете на толку ограничено малцинство, откако е познато дека секој десетти човек во светот преживува со помалку од 2 долари на ден",- вели портпаролката на Оксфам за Франција, Мано Обри.
Извештајот насловен „Економија во служба на 99-те проценти", открива како големите компании и најбогатите луѓе во светот ги зајакнуваат уште повеќе нееднаквостите, вешто избегнувајќи ги даноците, намалувајќи ги платите и зголемувајќи ги максимално приходите на акционерите.
Според Оксфам со ова темпо првиот супермилијардер во светот може да се очекува да надмине трилион долари во наредните 25 години. За да ја потроши оваа сума, тој би требало да троши по 1 милион долари на ден во тек на 2738 години, пресметале експертите на Оксфам.
