Макрон се враќа на теренот за преговори со Русија
Во Мајами деновите пред викендот, и викендов минуваат во преговори на американските посредници со украински и руски претставници, Се преговара за ставање крај на војната во Украина. Во дел од преговорите учествувале и советници за национална безбедност на некои европски држави. Водачот на американската делегација, специјалниот претставник, Стив Витков, вчера на социјалната мрежа Х соопшти дека „посебно внимание на средбите било посветено на разгледувањето на роковите и редоследот на следните чекори“, Потоа дека „мирот (во Украина ) мора да биде не само крај на непријателствата, туку и достојна основа за стабилна иднина“.Што значи темел за мировен договор. Специјалниот претставник на Трамп, исто така, изјави дека ќе продолжи „тесно да координира со своите партнери во следните фази од оваа важна работа“.
Се јави и украинскиот претседател, Владимир Зеленски. „Продолжува работата на документите за завршување на војната, за безбедносните гаранции, за обновата - секоја точка внимателно се разгледува и постои конструктивна комуникација со американската страна. Ова е важно. Тие исто така разговараат за роковите - можните временски рамки за различни одлуки“, рече претседателот.
Русија е целосно посветена на постигнување мир во Украина, напиша Виткоф на социјалните мрежи, по разговорите во Мајами меѓу американската делегација и Кирил Димитриев, специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји и раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции. Спотред Виткоф, „Русија високо ги цени напорите и поддршката на САД во решавањето на украинскиот конфликт и враќањето на глобалната безбедност“. Резултатите од преговорите во Мајами ги коментираше и Димитриев. На новинарско прашање тој одговори дека „потпалувачите на војната“ не биле во можност да го нарушат процесот на преговори. Специјалниот пратеник на рускиот претседател претходно ги нарече разговорите „конструктивни“.Прес-секретарот на рускиот претседател, Димитриј Песков, изјави дека Димитриев отпатувал во САД за да дознае за напредокот на европските и американските напори за мировен план за Украина и да ги пренесе овие информации до Кремљ. Што е потврда на зборовите на Виткоф за новите фази на преговори. Димитриев синоќа од Мајами се јави со маица со натпис:„Следната рунда во Москва“.
И додека во Мајами се обидуваат да направат некаков нацрт за темел врз кој ќе почива мирот во Украина, Европа не мирува. Минатата недела на последниот самит на ЕУ беше донесена одлука да не се чепкаат замрзнатите пари на Русија во Европа, туку членките на ЕУ да и дадат бескаматен заем на Украина во висина од 90 милијарди евра. Потег - единствено можен во тој момент. Во петокот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, објави дека ЕУ ќе ѝ обезбеди на Украина заем од 90 милијарди евра, врз основа на буџетот на ЕУ и потенцијално надоместлив од руски средства, замрзнати во Европа. Што значи дека ЕУ влегува во свесен ризик, доколку не ќе може да го надомести заемот со рускитѕе пари.
ЕВРОПА НЕ МИРУВА
Ако не се донесеше таа одлука, Украина после првиот квартал од 2026 година ќе немаше пари, ниту да војува, ниту за оружје, ниту за плати за војниците, ниту за пензии, социјала плати за администрацијата...Во Украина не беа задоволни од оваа одлука, но сепак, подобро е нешто, отколку ништо. На земјата, за сите погоре спомнати потреби, според некои пресметки и беа неопходни, за 2026 и 2027 година, над 140 милијарди евра. На овој начин Европа ја продолжува војната во Украина уште за малку подолго од една година, а можеше за две. Ако се одлучеше за конфискација на руските пари во странство. Ваквата одлука зборува и за постоење разлики во ЕУ, околу иднината на војната на Украина.
Подоцна, францускиот лидер, Емануел Макрон, изјави дека би било корисно за европските земји да го продолжат дијалогот со Владимир Путин. Тој изјави дека Брисел ќе продолжи да ја финансира и поддржува Украина, но исто така мора да најде начини и механизми за враќање на целосниот дијалог со Москва. „Верувам дека е во наш интерес - и на Европејците и на Украинците - да ја пронајдеме вистинската рамка за продолжување на оваа дискусија со Москва“, рече тој, додавајќи дека тоа треба да се направи „во наредните недели“.
Уште во петокот на ваквата изјава на Макрон реагираше рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. „Изјавите на Макрон дека, сепак, е неопходно да се разговара со Русија... Знаете, јас дури и нема да ги коментирам. Прочитајте што кажа тој во текот на изминатите неколку месеци, почнувајќи од тоа дека единствениот зло во целата оваа приказна е Русија и претседателот Путин лично. Па, ако е подготвен да поразговара, а нашиот претседател постојано нагласува дека е секогаш отворен за контакти, но со разбирање дека тоа ќе бидат учтиви луѓе со елементарни навики на љубезност“, рече министерот за време на заедничката прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел Ата во Каиро.
И официјалниот одговор од Москва, на гласното размислување на Макрон, не се чекаше долго. Портпаролот на претседателот Владимир Путин, Димитриј Песков, вчера изјави дека Путин е подготвен за дијалог со францускиот претседател Емануел Макрон. Портпаролот објасни дека евентуалната комуникација меѓу шефовите на држави треба да биде насочена кон обид „да се разберат меѓусебните позиции“, а не да се сведува на „читање лекции еден на друг“. Тој додаде дека Путин е секогаш подготвен да го објасни својот став „детално, искрено и доследно“. Последниот разговор на Макрон и Путин беше во јули годинава. Разговараа за Украина, за Газа и за американските удари врз нуклеарни објекти во Иран
И Елисејскиот дворец вчера изјави дека ја поздравува изјавата на Кремљ за подготвеност на Путин за преговори со Макрон. И најавија дека наредниве денови ќе го соопштат најдобриот начин на работа.
СО РУСИЈА МОРА ДА СЕ ПРЕГОВАРА
Според западни медиуми самитот на ЕУ, не поминал глатко. Канцеларот Фридрих Мерц, се чувствувал „предаден“ од Макрон и италијанската премиерка, Џорџиа,Мелони. Не само за парите за Украина, туку и за неговиот ангажман околу соработката со Латинска Америка. Договорот за слободна трговија врз кој работел,Мерц, Макрон и Мелони едноставно го „блокирале“. Се вели дека Мерц ова нема да му го прости на Макрон. Овде се јавува и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој ја осудува надворешната политика на Унијата и се потсмева со нејзината прва дама, Каја Калас. На еден собир во Букурешт во саботата, тој неа ја спореди со Хитлер и Наполеон. За време на својот говор, Орбан ги спореди воените кампањи на францускиот цар против царска Русија и кампањите на германскиот нацистички водач против СССР со сегашната политика на ЕУ кон Русија. „Секако, постојат големи европски традиции. На крајот на краиштата, тие веќе се обидоа да ја нападнат Русија - да речеме, Наполеон, нели? И Хитлер. Не спеаја. А сега, секако, Каја Калас ќе „успее“ - секако...“, рече Орбан.
Но не е само Ортбан дежурниот критичар на надворешната политика и воопшто на политиката на ЕУ кон Русија,. Рабоптите почнаа да се менуваат после воените успеси на Русите на фронтот, после прекинувањето на големата американска помош на Украина, но и првите знаци на разединетост во ЕУ, околу Украина, поттикната и од економската криза во која се најдоа некои нејзини големи членки. Ставот дека игнорирањето на Владимир Путин не помага, добива на сила во Европа и дека францускиот претседател Емануел Макрон е апсолутно во право што сака да разговара со него. На Европа не и сеедно САД да разговараат само со Русија, често пати игнорирајќи ги Европејците. Работите почнаа да се менуваат во последно време, но кога Европа, ја сврти плочата и престана да зборува за пораз на Русија и нејзино уништување, тогаш се проговори и за потребата од преговори со неа. Но никој од политичарите не се нафаќаше тоа да го направи и да си преземе врз себе таква обврска. Пак, се јави Макрон. Око не му трепнува што се искажа за Русија и за Путин во минатото.
И таков, Макрон е во право. Со Русија мора да се преговара. Затоа што како одат работите „факелот на мирот“ ќе го носат Американците, а Европа допрва, после тоа, ќе се обидува да ги обновува односите со Русија. Но, под други услови. Дека работите мораат да се менуваат помирисаа некои европски политичари. Тоа го сфатија и медиумски експерти. Па се спомнуваат и конкретни случаи. Минатиот месец, поранешниот фински претседател Саули Нинисто предложи дека, ако европските лидери се загрижени дека Трамп комуницира со Путин без нив, тие треба сами да се вклучат во комуникацијата. И сегашниот претседател на Финска, Александар Стуб, кој не е пријател на Путин, претпазливо ја поддржа оваа идеја, предупредувајќи дека ова не треба да се случува на одделно државно ниво“. Што значи дека Европа мора да се обедини во настапот. Некој ќе го проголта она што го рекол, но во интерес на мирот во Украина мора да се оди на разговори со Путин.
Се работи за безбедноста на Европа. Америка е далеку. ЕУ мора да разговара и за безбедноста на Русија. Но тоа мора да го прави обединета. Колку и да не му е мил некому таквиот приод. Особено на земјите од северот на Европа, од Балтикот и некои поранешни членки на Варшавскиот пакт. Но нема да се разговара само со Русија. Тука е Кина, и други влијателни држави. Британскиот новинар, Марк Галеоти, во The Spectator цитира зборови на еден британски дипломат: „ Русија не оди никаде и ние треба да можеме не само да влијаеме на какво било решение за војната, туку и да поставиме темели за мирни односи. Засега, Путин дури и не сака да нè слуша“, Јасно е. Во спротивно диктатот ќе биде американски.
НИШТО БЕЗ АМЕРИКА
Коментирајќи го ставот на Макрон за соработка и преговори на ЕУ со Русија, Зеленски вели „дека смета дека е важно да се сочува учеството на САД во „мировните преговори“. И нему му е јасно дека сегашната ЕУ не е способна да го носи целиот товар врз сопствените плеќи. Во саботата Зеленски рече дека францускиот претседател Емануел Макрон навистина го покренал прашањето за понатамошни дејствија, ако САД не успеат да ја „сопрат Русија“.
Но Зеленски верува дека САД нема да кренат раце од работата што си ја презеле. „Му кажав(на Макрон), и искрено уште еднаш повторувам : „мора да се бориме за Соединетите Американски Држави, мора да се бориме за формат каде што ние, со сите наши сојузници, ја имаме Америка како посредник, а има и европски сојузници кои нè поддржуваат“. Според него, ако таков сојуз не успее, „секако, сите ќе размислат за други опции и различен формат. Но, уште мора да се бориме“.
Очигледно Европа ќе треба да направи стратегија за настап. Можеби зад Макрон стои такво нешто, но ако тоа го нема, тогаш и неговата инцијатива ќе биде осудена на пропаст. На Путин му е полесно да разговара со лидерите од Европа, еден по еден, отколку со „Обединета Европа“. Стратегијата мора во себе да ги вклучи сите играчи од ЕУ, па и Орбан и Фицо од Словачка, а можеби и Бабиш од Чешка. А не да се морализира како што тоа го прават Калас или првиот човек на ЕУ Урсула Фон дер Лајен. Кои само критикуваа, а не направија чекор напред да ја обединат Унијата околу Украина. И сега кога дојде до сознанието дека со Русија ќе мора да се преговара, ги нема нигде. Главни се британецот Кир Стармер, Макрон и Мерц. А и меѓу нив има разлики, кои би требало да се надминат. Барем пред евентуалниот пат на Макрон во Москва или негов телефонски разговор со Путин.
За крај, повторно Галеоти. „Путин мора да биде натеран да слуша, но тоа ќе биде можно само ако имаме нешто да кажеме - нешто позначајно од морално оправданите, но политички бесмислени мантри кои досега беа главен столб на европската реторика“.Би додал, во спротивно, Америка ќе го собере кајмакот и од Русија и од Украина. И од обете со заедничка согласност.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
