ИНТЕРВЈУ ЕФТИМОСКИ: Шпекуланти за лични интереси го поткопуваат банкарскиот сектор, Стопанска банка а.д. Битола ја имаше најуспешната година
Помина првиот квартал од годината, а и една година откако беше прогласена пандемија на коронавирусот. Во специфични здравствени услови светот и Македонија се соочија со силна економска криза. Додека реалниот сектор ги пресметуваше штетите, банкарскиот сектор успеа да одработи добро што се огледа и во финансиските резултати. Стопанска банка а.д. Битола има раст на добивката во 2020 година од 380 проценти, резултат кој како што вели во интервјуто за Фактор, првиот човек на банката Владимир Ефтимоски, е еден од најуспешните досега. Банката е одржува релативно повисоко ниво на адекватност на капитал над законски утврдената граница, што ја прави стабилна и сигурна. Ефтимоски сепак вели дека за жал, определбата и посветеноста на банките да ѝ помогнат на економијата во справувањето со последиците од ковид-кризата од втората половина на минатата година некои структури во државата, кои веројатно најмалку имаат допирна точка со банкарското работење, се обидуваат да ја поткопаат и осуетат преку ширење шпекулации и дезинформации. Се создава вели, непотребна паника кај граѓаните и кај компаниите.
Кои се вашите согледувања за економските последици врз домашната економија досега и каква, според Вас, ќе биде оваа година?
Ефтимоски: Дефинитивно изминатава година светот се соочи со глобална здравствена и економска криза, каква што не памети историјата досега. Сведоци сме на рецесија која ги погодува економиите во сите нивни сегменти. За жал, ризиците за здравјето на луѓето се најголеми и нормално е главната битка да се води за зачувување на јавното здравје. Откако стана јасно дека пандемијата нема брзо да заврши, неизбежни беа и антикризните мерки за спас на економијата за да се избегне нов удар врз граѓаните, а тоа е сиромаштијата. Северна Македонија не е исклучок од овие состојби и затоа се преземаат повеќе видови мерки за спас на економијата, која рефлектира надолни движења во реалниот сектор – намалени приходи кај компаниите, одложени значајни инвестициски проекти, а веќе слушаме и за зголемен број на отпуштени работници. Сметам дека досегашните антикризни мерки успеаја да амортизираат дел од ударот на кризата врз домашната економија и веројатно ќе треба да се продолжи со поддршката за да се избегне полошо сценарио.
Банкарскиот сектор беше вклучен во спроведувањето на дел од сетовите мерки за помош на граѓаните и на компаниите и покажа голема флексибилност и способност многу брзо да одговори на предизвикот и истовремено да биде столб на финансиската стабилност во земјава. Успеавме да креираме брзи и ефикасни решенија и да направиме брзо прилагодување на условите во работењето, што сметам дека беше многу важно за навремено и успешно спроведување на мерките за олеснување на финансиските потешкотии на компаниите и на граѓаните. Особено треба да се има предвид дека и банкарските работници не се имуни на вирусот Covid-19, односно дека и банките работеа во вонредни, односно кризни услови.
Но, сѐ што постигнавме во целост ја дефинираше и нашата стабилност. Оваа година настапуваме побогати за искуството од минатата. Верувам дека домашната економија и банките оваа година повторно ќе бидат на нивото на задачите и дека ќе продолжиме со активностите за да ги сведеме барем на минимум последиците од кризата.
Банкарскиот сектор во земјава се покажа доста отпорен на кризи, тест беше глобалната финансиска криза – сепак банките не можат да бидат изолирани. Кои се моментните ризици за финансискиот сектор, дали е можно влошување на ситуацијата, кои се можните канали за евентуалното прелевање?
Ефтимоски: Во 2020 година, која беше предизвикувачка и за реалниот и за финансискиот сектор, банките во Северна Македонија не само што одржаа високо ниво на стабилност во работењето и тендеција на раст, туку и активно беа вклучени во обезбедувањето поддршка за најпогодените категории граѓани и фирми. Банкарскиот сектор докажа дека е еден од најсилните столбови на економијата во земјава. Банките во координација со Народната банка на Република Северна Македонија и со Министерството за финансии во два наврати ги одложија обврските за отплата на кредитите од граѓаните и компаниите. Дури и во такви услови, Стопанска банка АД Битола покажа висока ликвидност и ја заврши минатата година со одлични резултати. Тоа е резултат на силната посветеност и одговорност за одржување континуитет во работењето, постигнување на планираните цели и поддршка на клиентите во услови на силно изразена криза.
Оттука, сметам дека поставивме една цврста основа за да продолжиме успешно да се справуваме со предизвиците на пандемијата и во оваа година. Очекувам банките годинава да останат ориентирани, пред сѐ, кон клиентите со цел заедничко изнаоѓање решенија за надминување на последиците од кризата. Секако тоа остава простор и за понуда на нови производи и услуги со цел задоволување и на најспецифичните потреби на клиентите.
За жал, определбата и посветеноста на банките да ѝ помогнат на економијата во справувањето со последиците од ковид-кризата од втората половина на минатата некои структури во државата, кои веројатно најмалку имаат допирна точка со банкарското работење, се обидуваат да ја поткопаат и осуетат преку ширење шпекулации и дезинформации. И покрај сите напори на Народната банка, на Македонската банкарска асоцијација и на банките поединечно да покажат дека стабилноста, ликвидноста и одговорноста се врвни приоритети во нивното работење, сѐ уште во јавноста се пласираат дезинформации со кои се создава непотребна паника кај граѓаните и кај компаниите. Целта на овие шпекуланти веројатно се, пред сѐ, некои нивни лични интереси и побуди. Поразителен е фактот дека во услови на досега невидена економска криза, овие структури сакаат да го поткопаат секое здраво ткиво и уште повеќе да им наштетат на економијата и на финансискиот сектор во земјава. Ние ќе докажеме дека стабилноста, професионализмот и заедничкиот интерес се пред сѐ.

Каква е досегашната рефлексија на кризата врз банките, инаку за чие работење во услови на ковид и Народната банка носеше посебни мерки? Веќе истече и второто олеснување за граѓаните, па како сега се однесуваат клиентите кои имаат проблеми? Каков е ефектот на оваа мерка, колку клиенти беа опфатени во овие посебни мерки?
Ефтимоски: Целокупниот банкарски систем успешно се справува со шокот предизвикан од пандемијата на Ковид-19. Според официјалните информации на највисокото регулаторно тело, Народната банка на Р.С.М, банките се добро капитализирани, а како гаранција за стабилноста на целиот систем е и тоа што ликвидноста со која располагаат банките, вклучително и Стопанска банка а.д. Битола е на високо ниво и покрај тоа што поради ковид-кризата имаше непланирано, двократно одложување на наплатата на голем дел од кредитите. Следејќи ја работата на домашните компании можеме да забележиме дека импактот од ковид-кризата е различен кај секоја компанија, каде големо влијание има и финансиската кондиција што ја имала пред кризниот период. Компаниите со солидна финансиска кондиција, без разлика на секторот во кој работат, имаа резервна ликвидност за да ги покријат загубите од неработењето. За секторите кои беа први на удар и засега најдиректно погодени од кризата и понатаму продолжуваме проактивно и партнерски да изнаоѓаме соодветни решенија правејќи баланс помеѓу потребите на клиентите и сопствените можности, без притоа да ја загрозиме нашата стабилност. Позитивно е тоа што и покрај забавувањето на светската и локалната економија во услови на криза, дел од клиентите не се откажаа од навременото сервисирање на своите обврски. Овие позитивни индикатори се рефлектираат и преку проекциите за раст на кредитното портфолио и депозитната база на Стопанска банка а.д. Битола за 2021 година.
Има ли зголемување на процентот на нефункционални кредити во последниот период, дали кај фирмите или кај граѓаните?
Ефтимоски: И во изминатиот период Стопанска банка а.д. Битола фокусот го задржа на наплата на нефункционалните побарувања, внимателно следејќи ги состојбите и специфичните околности наметнати од пандемијата, со подготвеност да ги приспособи своите политики гарантирајќи за финансиската стабилност. Банката оствари значително намалување на нивото на нефункционални кредити и покрај негативните ефекти врз економијата предизвикани од ковид-кризата. Навременото носење соодветни одлуки и соодветното одредување на политиките и мерките влијаеше врз намалувањето на процентот на нефункционалните кредити. Исто така, големо влијание имаа и регулаторните мерки преземени од страна на Народната банка, коишто помогнаа за полесно управување со кредитниот ризик во периодот кога ефектите од пандемијата се очекуваше да бидат поизразени.
Наплатата на нефункционални побарувања овозможи и пренасочување на средствата од некаматоносни во каматоносни позиции, односно во кредити на бонитетни клиенти согласно проценките за прифатливо ниво на ризик.
Стопанска банка Битола има позитивен финансиски резултат минататa година, односно добивка од над 81 милиони денари, што беше доста голем раст во однос на претходната година. Во кои сегменти е растот и како се оствари?
Ефтимоски: И покрај предизвиците со кои се соочивмеизминатата 2020 година, ние како Банка може да кажеме дека остваривме многу успешен финансиски резултат. Ова секако е резултат на високо компетентните и максимално посветените вработени во секое поле од деловното работење на Банката.Притоа, примарна цел од општествено одговорен аспект беше зачувување на здравјето и безбедноста на вработените и на клиентите на Банката, за што беа преземени сите неопходни мерки и препораки посочени од надлежните институции.
Од оперативен аспект, максимално ги насочивме напорите кон наплата на нефункционални побарувања, што придонесе за значително ослободување на исправката на вредност, што пак директно се одрази врз добивката на Банката, истовремено одржувајќи високо ниво на квалитетно кредитно портфолио сo ниска стапка на нефункционални кредити, како и стабилно депозитно портфолио. Да не ја заборавиме и поддршката која банката постојано ја добива од акционерите.
Од овој аспект, со каква стратегија влегувате за следниот период. Кои се вашите очекувања и на каква основа ги креирате прогнозите?
Ефтимоски:Во периодот што следува се очекуваат првите знаци на економско закрепнување иако тоа ќе биде многу побавно отколку што сите посакуваме. Банката будно ќе ги следи сите макроекономски параметри и интерни индикатори, како и политиките на централната банка, и ќе го приспособува своето работење на деловната клима и на динамикaта на пазарот, притоа водејќи политика првенствено насочена кон стабилност, одржување на ликвидноста и профитабилност.
Интензивно ќе се работи на развој и понуда на производи приспособени на потребите на клиентите - правни и физички лица, кои беа најпогодени од ковид-кризата. Како една од најзначајните стратешки определби на Банката останува континуираниот развој и усовршување на информатичката технологија и примена на нови Business Intelligence решенија, дигитализација на продуктите и сервисите преку развој на дигитални платформи за привлекување и комуникација со клиентите, што е во согласност со стратешките цели на Банката. На таков начин планираме да го таргетираме сегментот од населението, кое поинтензивно ги користи услугите на дигиталното банкарство преку мобилните и останатите електронски уреди, особено во услови кога е потребно физичкото присуство на клиентите во банка да се сведе на минимум со цел да се намалат ризиците за здравјето. Активно ќе се следи постоечкото портфолио на кредити за да се преземат навремени мерки при детектирани тешкотии во наплатата, се со цел да се одржи квалитетот на кредитното портфолио. Во сила остануваат поставените стратешки и деловни цели на Банката.
Имаше во последниот период неколку блок трансакции со акции на банката – какви промени се случуваат?
Ефтимоски: Растот на добивката на Стопанска банка а.д. Битола во 2020 година од 380 отсто ја прави минатата година една од најуспешните за нас, а особено што овој резултат е постигнат во една од најпредизвикувачките години од економски аспект. Остварувањето на релативно високите добивки праќасигнали за атрактивни хартии од вредност. Можеби тоа претставува главен предизвик за инвеститорите своите финансиски средства да ги вложуваат во банките.
Стопанска банка а.д. Битола е котирана компанија на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност и е транспарентна компанија. За сите промени што се случуваат во акционерскиот капитал на Банката и за сите одлуки и политики во деловното работење редовно ја известуваме јавноста преку Берзата, согласно Правилата за котација.

Стопанска банка Битола има висока капитализираност – на кое ниво е стапката на адекватност на капиталот? Како се одржува?
Ефтимоски: И покрај законски утврдениот минимум за одржување на стапка на адекватност на капиталот од 8 отсто, Стопанска банка а.д. Битола одржува релативно повисоко ниво на адекватност на капитал над законски утврдената граница, односно истото изнесува над 18 проценти. Стабилноста и сигурноста се значајни карактеристики што треба да ја одликуваат секоја деловна банка, за од една страна да ја зачува својата позиција на пазарот и да се заштити од големата конкуренција во банкарската индустрија, а од друга да ги заштити депонентите и воедно да придонесе за развој на стабилен и здрав банкарски систем. За да се одржува стабилноста на високо ниво и процесот на управување со ризиците да биде ефикасен, банката мора да има одредени јасни стратешки цели и стратегии за управување со банкарските ризици. При проценка на сигурноста во работењето на банките клучен показетел кој се зема предвид е капиталот, кој треба да е доволно голем за да се амортизираат загубите настанати од влијанието на одредени ризици и воедно адекватноста на капиталот да биде во соогласност со меѓународните стандарди. Исто така Банката утврдува интерни цели за нивото на адекватност на капиталот, кои се во согласност со големината и сложеноста на финансиските активности на Банката, и врши анализа на тековните и идните потреби од сопствени средства, се разбира во согласност со стратегиските цели на Банката.
Реалниот сектор очекува поддршка од банките во овој период, ќе им излезете ли во пресрет?
Ефтимоски: Како што веќе споменав, банките беа еден од најголемите поддржувачи на политиката и на економските мерки за ублажување на последиците од економската криза. Знаевме дека клиентите ја очекуваат нашата помош и, како и секогаш, бевме тука да ја понудиме. Во истата насока продолжуваме и оваа година, но со едно огромно искуство повеќе. Стопанска банка а.д. Битола повеќе од 70 години е во служба на граѓаните и на компаниите, па како претходно така и сега остануваме сигурен партнер на нашите клиенти.
Кризата донесе потребата од поголемо прилагодување – кои нови продукти ги промовирате, како граѓаните да се фокусираат кон поголема употреба на он лајн банкарство? Со години промената на навиките е бавна.
Ефтимоски: Апсолутно се согласувам дека најголемиот предизвик во оваа ситуација е изнаоѓањето соодветни начини за да се променат навиките на луѓето. Минатата година сама по себе ја докажа потребата за постоење дигитални услуги, кои во голема мера го олеснуваат функционирањето. Стопанска банка а.д. Битола располага со услуги кои на граѓаните им нудат брзо, безбедно и лесно извршување на финансиските трансакции и нивната употреба видливо беше зголемена во текот на минатата година. Но, од друга страна тоа не значеше и драстично намалување на бројот на луѓе кои ги посетуваа експозитурите бидејќи како што споменав, навиките, особено кај повозрасната категорија граѓани, потешко се менуваат. Меѓутоа, тоа не е невозможен процес. Јас лично верувам дека општеството се движи во насока на целосна дигитализација, а банките секако се дел од тој процес.
Стопанска банка а.д. Битола во сите свои новитети што ги подготовува се води од принципот на иновативност и симплифицирање на процесите. Нашата цел во следниот период е да ја одржиме и надградиме дигиталната платформа на Банката и на сите наши клиенти да им обезбедиме модерно банкарство со производи и услуги кои, пред сѐ, ќе бидат поволни, а истовремено ќе бидат и привлечни, едноставни и лесни за користење, како нивна дополнителна вредност.
Вие сте избран за најдобар банкар за 2020 година од Finance Central Europe. Има ли дополнителен предизвик од овие награди особено сега во услови на криза, промени во разбирањата и нови проблеми за финансиите на глобално ниво?
Ефтимоски: Се разбира дека сите добиени награди, како домашни така и меѓународни имаат големо значење бидејќи се доказ за целиот труд и професионализам кој е вложуван и граден низ годините, но наградата за Најдобар банкар за 2020 година доделена од Finance Central Europe за мене има посебна вредност токму поради тежината која со себе ја имаше 2020 година. Од сите предизвици со кои досега сум се соочил во банкарското работење ова е еден од најголемите, а големите предизвици секогаш бараат поголемо и одговорно лидерство. Во таа насока оваа награда за мене не е само дополнителен поттик да продолжам со остварување на деловните планови, туку е и сериозна одговорност тоа да го правам на најдобар можен начин за сите клиенти, сите вработени и акционери во банката како и за самата општествена заедница.
Верувам во синергијата која ја има тимот на Стопанска банка а.д. Битола и убеден сум дека без разлика на условите во кои се наоѓаме, мислам на ковид периодот кој не е едноставен за работење, ние како и досега ќе успееме да го најдеме најсоодветниот начин во секое време и за секој клиент да го обезбедиме токму она што му е потребно.
Александра Томиќ