Економија, финансии, бизнис

Контакт

Д-р спец. уролог Зоран Крстаноски: „После 50-та година од животот мажите треба да одат на редовен уролошки преглед, без разлика дали постојат или не симптоми“

Д-р спец. уролог Зоран Крстаноски: „После 50-та година од животот мажите треба да одат на редовен уролошки преглед, без разлика дали постојат или не симптоми“

Во време кога современата медицина сè повеќе се темели на минимално инвазивни процедури, рана дијагностика и превенција, урологијата станува една од клучните гранки во грижата за машкото здравје. За важноста на редовните уролошки прегледи, најчестите проблеми со кои се соочуваат мажите, но и за тоа колку машката популација е подготвена навреме да побара стручна помош, разговараме со Д-р Зоран Крстаноски – специјалист уролог и шеф на Урологија во Splošna bolnišnica Slovenj Gradec, институција од каде што започнуваат минимално инвазивните уролошки процедури во југоисточна Европа.


Карциномот на простата и натаму е најчесто малигно заболување кај машката популација. Бројот на новорегистрирани случаи континуирано расте од година во година, покажуваат податоците на Клиника за онкологија и радиотерапија во Скопје.

Статистиката укажува дека во просек се евидентираат околу 500 нови пациенти со рак на простата годишно. Воедно, во последните три години бележи пораст и вкупниот број на новодијагностицирани пациенти со малигни заболувања, како и уделот на мажите во вкупната бројка на заболени.

Така, во 2023 година мажите сочинувале 51,1 отсто од сите новодијагностицирани пациенти со канцер, додека во 2024 година тој процент се зголемил на 51,6 отсто – податок што дополнително ја нагласува потребата од навремени превентивни прегледи и рана дијагностика.

Д-р Крстаноски потекнува од Струга, Медицинскиот факултет и специјализацијата по урологија ги завршил во Скопје, а од 2002 година професионалната кариера ја продолжува во Словенија. Денес, покрај клиничката работа, предава урологија на Медицинскиот факултет во Марибор, активно учествува во едукација на млади лекари и постојано воведува современи методи во дијагностиката и третманот. Иако живее и работи во Словенија, редовно доаѓа во Македонија, каде што и оперира во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, градејќи мост меѓу двата здравствени системи.


Во интервјуто зборуваме за разликите во здравствената култура меѓу мажите во Македонија и Словенија, за стравовите и предрасудите поврзани со уролошките прегледи, како и за пораката што секој маж треба навреме да ја слушне – дека грижата за сопственото здравје не е слабост, туку одговорност.

Д-р Крстаноски, како би ја дефинирале важноста на уролошките прегледи за мажите?

- Втора најчеста малигна болест кај нас мажите е рак на простата. Во 2020 година во целиот свет биле дијагностицирани 1.4 милиони мажи со рак на простата и регистрирани биле 375 000 смртни случаи заради истата болест. Како причина за смрт тоа е третиот најчест рак кај мажите. Лесно и прецизно може да се дијагностицира и според сите овие податоци. Многу е важно после 50 година од животот редовно да се оди на преглед кај уролог, без разлика дали постојат или не постојат симптоми или тешкотии со мокрењето.


Кои се најчестите уролошки проблеми со кои се соочуваат мажите денес?

- Тоа зависи од возраста, но во нашата редовна уролошка амбуланта 45%-50% од пациентите доаѓаат заради одредени тешкотии поврзани со мокрењето. Секако доаѓаат пациенти и со други проблеми: еректилна дисфункција, недостаток на тестостерон, камења во уринарниот систем, онколошки пациенти поврзани со уринарниот систем кај мажи и жени и гениталниот систем кај мажи.

Која е улогата на превентивните прегледи во откривање и лекување на уролошки заболувања?

- Најсликовито ќе ви опишам со нашите автомобили. Редовно ги носиме на технички прегледи без ништо да им фали па секако механичарите ќе најдат некој пропуст којшто обично може да се поправи. Исто е и со нашето здравје. Во врска со урологијата превентивни прегледи се оправдани само кај рак на простата. Но наједноставно би рекол дека секој човек треба еднаш годишно да направи ултразвук на абдомен и основни лабораториски наоди.


Во која возрасна група најчесто се јавуваат проблеми со простата?

- После шестата деценија во животот ако зборуваме за проблеми со мокрењето предизвикани од зголемена простата. Инциденца за рак на простата е под 5% кај мажи помлади од 30 години, а кај мажи постари од 79 години инциденцата е 59%. Тоа се податоци добиени од аутопсија на мажи кои клинички немале знаци за рак на простата.

Дали перцепцијата на мажите за редовни уролошки прегледи се промени во последните години?

- Секако дека здравствената култура кај мажите и воопшто кај сите е во подем, благодарение на информациите од различни медиуми т.е достапноста до тие информации со секојдневното користење на интернетот е многу лесна. Предноста на денешната медицина не е само во лекувањето туку во превенцијата.


Дали ги забележувате младите генерации повеќе информирани за своето уролошко здравје?

- Се враќаме на претходното прашање, да младите повеќе користат интернет и се повеќе запознаени со уролошкото здравје, но кај младите поретко има проблеми од уролошка природа.

Која е најчестата пречка поради која мажите одолговлекуваат со прегледи?

- Би рекол дека социјалната и здравствената култура најповеќе влијаат на одолговлекувањето од појавата на првите знаци на болеста до преглед кај доктор.

Колку често би препорачале уролошки прегледи за здрави мажи без симптоми?

- После 50 години старост, секој маж треба да се јави во уролошка амбуланта, а потоа во зависност од наодите (ПСА, дигиторектален преглед) тие редовни прегледи можат да бидат еднаш годишно до еднаш на три години. Оние мажи пак кај кои блиски роднини (брат, татко имале дијагностициран рак на простата) треба да почнат со редовни прегледи после 40 години.


Кои симптоми кај мажите не треба да се игнорираат и кога е време веднаш да се јават кај уролог?

- Присуство на крвава урина, тешко мокрење т.е празнење на мочниот меур, слаб млаз на урина, ноќно мокрење, континуирани тапи болки во предел на бубрезите, посебно придружени со температура, тврд тестис како камен или дел од тестисот да е тврд, израсток на главата на пенисот …

Дали има одредени симптоми кои мажите често ги занемаруваат?

- Обично е тоа поврзано со мокрењето: слаб млаз, зачестено мокрење, тешко празнење на мочниот меур, станување преку ноќ за мокрење. Тогаш се адаптираат на болеста и си го намалуваат квалитетот на живот.

Како се разликуваат симптомите помеѓу проблеми со простатата, уринарни инфекции и потенцијален тумор?

- Симптомите со инфекции се поврзани со покачена температура, зачестено мокрење, печење во тек на мокрењето, посебно при крај на мокрењето и овие симптоми обично се појавуваат во краток временски период. Проблемите со простатата не се појавуваат наеднаш и понекогаш од еден до друг симптом може да поминат денови или месеци.

Како се дијагностицираат туморите на тестисите и кои се најчестите симптоми?

- Туморите на тестис се јавуваат со инциденца 3-10 нови случаи на 100 000 мажи/ годишно. 1-2% се билатерални т. е сè јавуваат на двата тестиси. Најчесто се јавуваат во третата и четвртата декада од животот. Прв симптом т.е знак може да биде невообичаено тврд тестис или дел од тестис.

Кои се најчестите форми на рак на простата и кои фактори влијаат на ризикот за развој?

- Ракот на простата од една страна е големо бреме за нас мажите, од друга страна па најчесто се открива во ран стадиум кога болеста целосно може да се излечи и има многу модалитети на лекување кои паралелно напредуваат со напредокот на медицинската технологија. Според патохистолошкиот наод кој се добива со биопсија на простата и ПСА пред биопсијата ракот на простата се дели на ниско ризичен, средно ризичен и високо ризичен рак на простата.


Дали постојат ефикасни скрининг методи за рак на простата?

-Скрининг програми за навремено откривање на ракот на простата во овој момент постојат само во четири земји во Европа и тоа Шведска, Германија, Холандија и Словенија. Со овие скрининг програми се одредува ризична популација на мажи и целта е да се открие болеста пред да е метастазирана. Со овие програми не само што мажите потполно ќе можат да се излечат, туку и државата има заштеда во врска со лекување на пациенти со метастази. Конкретно за Словенија пред да се почне со оваа програма беше пресметана заштеда од 36 милиони евра годишно. Ги знам овие податоци бидејќи бев во првата работна група за воведување на оваа скрининг програма.

Дали имате информации или искуства поврзани со уролошките навики на мажите во Словенија?

- Секако дека е различна, бидејќи е различна здравствената култура. На годишно ниво во Словенија дијагностицираме околу 1500 нови пациенти со рак на простата од кои 1200 одат на радикално лекување (операција или зрачење). За Македонија немам точни податоци, но сум сигурен дека повеќе од 500 пациенти не се лекуваат радикално. Моите колеги уролози од Македонија се одлично стручни за дијагностицирање на рак на простата, но проблемот е во тоа што мажите не одат на редовни прегледи.

Колкава е најмладата возраст на заболен маж од уролошки тумор во Словенија според Вашите информации?

- Уролошки тумори можат да бидат и тумори на тестиси кои се јавуваат во трета или четврта декада на животот, а може да биде и тумор на бубрег во детска возраст. Но, пак ќе се вратам на рак на простата. Најмладиот пациент кој сме го оперирале имаше 42 години.

Какви совети би им дале на мажите за одржување на уролошкото здравје низ годините?

- Водење на здрав живот и помалку стрес или амортизација на стресот.

Како општеството (медиуми, семејство, работно опкружување) може да помогне во подобрување на свеста за машко здравје?

- Денес сме бомбардирани со информации од телевизија, интернет, пријатели, роднини, соседи. Секој нешто знае, а ништо конкретно. Свеста за здравјето т.е здравствената култура започнува уште во детска возраст во семејството. Улогата на матичните (фамилијарните) доктори е многу важна и секако селектирање на тоа море од вистинити и невистинити информации. Бидејќи уролошката патологија кај мажите најчесто се јавува покасно, треба да се соочи секој маж дека старее и дека не треба да го адаптира начинот на живот во зависност од симптомите на болеста туку да се јави во уролошка амбуланта.


Слично

Поврзани вести