Бектеши: Целосно подготвени за зимата
Министерот за економија, Крешник Бектеши објави видео од транспортот на новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција.
Тој во својот пост напиша: Целосно подготвени за ЗИМАТА…после повеќе години РЕК Битола работи на FULL капацитет!
За потсетување 400-киловолтниот трансформатор со тежина од 240 тони се пренесуваше со специјална композиција преку патен транспорт низ Турција, бродски и патен транспорт низ Грција, и патен од преминот Меџитлија до РЕК Битола.
Композицијата долга 60 метри бараше специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина, објаснуваа од ЕСМ.
Трансформаторот според најавите требаше да пристигне во РЕК Битола на 22 ноември, по што ќе биде монтиран.
Како штпо пишуваше Фактор, АД ЕСМ со директно преговарање, без објавен оглас купи трансформатор од 425 киловолти за 5,5 милиони евра (плус 1 милион евра ДДВ) за да може да работи третиот блок на РЕК Битола и да произведува електрична енергија за време на енергетската криза. Од како е изграден РЕК Битола, ова е прв пат за 40 години да се купува нов трансформатор.
Минатата година во екот на високите цени на струјата, АД ЕСМ се обиде да го вклучи третиот блок по низа направени ремонти, но стариот трансформатор се запали во ноември минатата година. Хаварија доживеа и во август претходно. На почетокот на годинава пак раководството на „Електрани“ објави дека трансформаторот ќе се демонтира и дека ќе се носи на поправка.
Договорот ЕСМ го вклучи со Actael N Ltd од Софија, а за преговарањето без објавен оглас е добиено позитивно мислење од Бирото за јавни набавки поради итноста на потребата. Бугарскиот оператор, кој ќе работи заедно со турски подизведувач има рок од 110 дена да го демонтира стариот блок трансформатор и да го монтира и пушти во работа новиот.
Гаранцијата на исправноста изнесува 5 години, а ЕСМ треба да му плати аванс на операторот од 1,1 милиони евра. Во договорот има и услови за плаќање на пенали од страна на Бугарите доколку трансформаторот генерира загуби.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
