Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗРАК НА НАДЕЖ - лани најмал број на самоубиства, најмногу имало во 2012

ЗРАК НА НАДЕЖ - лани најмал број на самоубиства, најмногу имало во 2012

Минатата година имало најмал број на самоубиства во земјава во периодот од последниве десет години.

Или, како што говорат статистиките на Министерството за внатрешни работи, кои оттаму ги испратија на барање на Фактор, лани во земјава се случиле 99 самоубиства. 

Најголем број, пак, на вакви немили настани се случиле во 2012 година, кога податоците на МВР говорат за дури 174 самоубиства.

Или, како што информираат од МВР, во последниве десет години бројот на самоубиства во нашата држава е 1.343.

По години состојбата е следна. Во 2010 имало 150, во 2011, нешто помалку, односно 140 граѓани си го одзеле животот, додека во 2012 тој број се искачил на 174, во 2013 биле 154, а во 2014 се евидентирани 150 вакви случаи. Во 2015 бројката се намалува на 116, а во 2016 биле 136. Потоа, во 2017 биле регистрирани 103, во 2018 се 121 и во 2019 година бројката на овие немили настани е најниска досега, односно 99 самоубиства. 

Што се однесува до начините на извршување, најчесто е со бесење и со огнено оружје, објаснуваат од Полицијата.

Фактор пишуваше на темата зошто дел од граѓаните решаваат да посегнат по својот живот, а една од причините е депресијата, но и небарањето стручна помош.

Доцент доктор Мирјана Јовановска-Стојановска, професор на МИТ Универзитетот, објаснува дека проблемот со самоубиствата што се случуваат, не е само психолошки, туку и социјален. Симптомите што можеме да ги видиме кај луѓето кои патат од депресија се повлекување, затворање во себе, некомуницирање, проблеми со спиење, проблеми со исхраната... 

„Тие не секогаш мора да завршат фатално, но ние како членови на семејството мора да ги земеме како сериозен показател дека на тие луѓе, без разлика дали се млади или постари, навистина им треба помош. Нашата презафатеност во борбата со овој транзициски свет не може да ни биде оправдување да не им посветиме внимание на луѓето кои ни се важни во животот. Ние треба помалку да ги критикуваме, а повеќе да ги разбереме, и ако видиме дека некоја состојба кај нив трае, да побараме стручна помош. Дури и таа состојба да трае три-четири недели, треба да се побара помош, тие да отидат и да поразговараат со некого. Еве обичен пример – ако не боли заб, ние таа болка можеме да ја издржиме максимум два дена, но ако не боли душата – колку тогаш можеме да издржиме. Нема потреба да се живее во болка и страв, постојат луѓе кои можат да помогнат. Да се побара помош не е слабост, напротив, тоа значи дека личноста е зрела и може да си го контролира својот внатрешен живот“, објасни професорката.

Слично

Поврзани вести