(ФОТО) Коњаниците се упатија кон Крушево за Илинден
Тргнаа 35 коњаници кон Крушево во чест на хероите од Илинден.
Вкупно 35 коњаници од Горно Лисиче вечерва го почнаа својот пат кон Крушево во рамки на 48-от Традиционален Илинденски коњички марш.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, преку социјалните мрежи истакна дека Илинден претставува завет за зачувување на споменот за комитите и војводите.
„Илинден не е само датум – Илинден е завет. Зaвет дека никогаш нема да ги заборавиме жртвата, храброста и идеалите на комитите и војводите кои се бореа за слободна Македонија. Од Мечкин Камен и бесмртниот подвиг на хероите, до денес, нивната порака останува жива – љубовта кон татковината е најсилната сила што го обединува македонскиот народ“, објави Стефковски.
Тој додаде дека годинава покровител на оваа традиција е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додека Општина Гази Баба настапува како поддржувач.
„Поклон пред сите илинденци кои со својата храброст ја испишаа најсветлата страница од нашата историја и ни оставија аманет да ја чуваме и сакаме Македонија. И оваа година покровител на оваа значајна традиција е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а Општина Гази Баба со гордост е помагател и поддржувач на настанот“, додава градоначалникот.
На коњаниците им посака лесен пат.
фото Фејсбук/Бобан Стефковски



