Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто се рашири паника за трговија со органи и нема доверба во системот?

Зошто се рашири паника за трговија со органи и нема доверба во системот?

Серијата на исчезнувања и смртни случаи во Скопје како и опсесивното објавување статуси на социјалните мрежи создаде голема паника кај граѓаните. Дел од порталите се вклучија во една параноична кампања со сензационалистички вести, дополнително подгревајќи ја атмосферата. Тоа исфорира и вечерно соопштение на МВР објавено директно на Фејсбук но, самата негова содржина наиде и на критики кај дел од јавноста за начинот на кој беше пренесена пораката дека немало трговија со органи. Ваквата информација подоцна беше добро објаснета од страна на релевантни институции како судска медицина. За стравот кој колективно го пренесуваме на социјалните мрежи правиме анализа со експертот за комуникации преку нови медиуми Бојан Кордалов.

Периодов на социјалните мрежи се шират статуси за сомнителни случаи на луѓе со црни возила кои се доближувале до деца. Се шири паника дека има обиди за киднапирања, па дури и дека кај пронајдените мртви тела биле извадени органите за нивна трговија. Зошто дојде до ваква ситуација на недоверба, на страв и сомнежи?

Кордалов: Не е прв пат да се шири страв од одредени случувања или да се пласираат вести кои шират паника помеѓу граѓаните. Би потсетил на големиот број на теории против вакцинирањето, тврдења за наводни вируси во одредени лекарства, сомнителни креми и препарати за кои велат дека лечат разни болести, но и на огромниот корпус на лажни вести во политиката и партискиот живот.

Заеднички именител на наведеното се: 1) стравот кој го создаваат меѓу населението, како и 2) социјалните медиуми преку кои ваквите информации најбрзо се распространуваат. Меѓутоа, многу е важно да го истакнеме следното: социјалните мрежи се канал преку кој секој од нас може да пренесе одреден став или порака. Во никој случај тие самите не генерираат вести или содржини, туку тоа секогаш го прави човекот.

Но, денес, со масовната употреба на социјалните мрежи, секој од нас на извесен начин претставува мини медиум, односно има моќ да испрати порака до одреден број на луѓе, кои понатаму можат да ја пренесат, па дури и да додадат повеќе информации на таа порака итн.

И на овој начин можеме и да дојдеме до почетокот на решението кое укажува дека властите директно, но и преку образовниот систем мора многу да вложуваат во дигиталната писменост, односно во подигање на јавната свест помеѓу секој граѓанин со цел да го заштитиме општеството од лажните информации и полукредибилните вести.

Постои ли тренд кај корисниците на социјалните мрежи во Македонија да станат „крстоносци“, односно по секоја цена да пренесуваат информации за различни теории, а притоа нивните статуси се споделуваат од стотици граѓани со што се создава таа лавина на реакции?

Кордалов: Ова е всушност суштината на проблемот, но и главното решение. Секој од нас, но особено јавните институции и функционери мора да разберат што е и како се применува начелото на транспарентност, особено во онлајн просторот.

Недозволиво е дигитализацијата и пенетрацијата на интернетот и социјалните медиуми да биде на високо ниво, а реакцијата на институциите да биде иста како пред децении. Со други зборови, денес било која реченица за 10 минути може да пропатува низ целиот свет, а речиси сите институции сеуште немаат тимови за брзи одговори и заштита на граѓаните од лажните вести и дезинформации.

Често сакам да го земам за пример случајот кој минатата година со брзина на светлината се ширеше преку социјалните медиуми. Стануваше збор за слика од таблета под која беше напишано дека во себе содржи опасен вирус. За рекордно време веста ја обиколи земјава, а беше застапена и на дел од онлајн порталите, кои се повикаа на објавата на социјалните мрежи.

Иако е доволно да сте биле на два часа по биологија за да научиме дека вирус може да биде присутен само во жива клетка, по што јасно произлегува дека оваа вест е лажна, сепак немаме сите ист степен на предзнаења и поимања на работите. За волја на вистината, надлежното министерство даде свој став на оваа тема, цитирајќи го овој научен факт, но дури 24 часа подоцна.

Тука настанува проблемот. Понекогаш дури и 24 минути може да бидат доцна за демантирање на одредена малициозна вест, а камоли 24 часа. Институциите мора да имаат тимови кои ќе шират проверени и официјални информации, истовремено демантирајќи ги лажните вести и малициозните објави. Но, за жал институциите тоа не го прават, а капацитети за ова најчесто немаат или многу бавно ги градат.

И токму ова мора да се промени. Сите стоиме на располагање во оваа битка, бидејќи борбата произлегува од универзалното право на секој човек на еднаков, но и пристап до точни информации.

Постојат мал број на политичари и јавни функционери кои во секој момент се достапни за медиумите. Токму тие постојано го понесуваат товарот и притисокот на јавноста. Најпрвин тоа им изгледа како нефер ситуација, но на среден и долг рок сфаќаат дека таквата одлука им била најправилниот потег.

Во односите со јавноста, особено од страна на политичарите и јавните институции, нема простор за импровизација и неискреност. Да бидете платени со парите од граѓаните значи да бидете постојано отворени за прашањата од медиумите, како и коментарите кои ви пристигнуваат преку социјалните мрежи. Тоа е обврска со која како политичари било од власта, или, пак од опозицијата, мора да се носите. Во спротивно, поднесете си оставка и повеќе никој нема да се занимава со вашите ставови и одлуки кои ги носите, а кои ги засегаат граѓаните.

Кога ова за кое зборуваме ќе биде пракса на јавните институции и политичари во нашата земја, тогаш ќе можеме да зборуваме дека вина за ширењето на паника и страв припаѓа само на несовесните граѓани.

Како го оценувате полноќното соопштение на МВР напишано директно на нивната страна на Facebook. Има ли во него недостиг на професионализам во начинот на кој се комуницираше со јавноста и или пак станува збор за избрзана реакција за да се направи краткотрајно „гасење на пожарот“ на социјалните мрежи?

Кордалов: Имам целосно разбирање за начинот на кој функционира министерството за внатрешни работи. Тоа е институција со навистина комплексни надлежности и стручен кадар кој мора законски и многу внимателно да постапува по сите информации со кои располага и ги дисеминира. Исто така, за поздравување е јасниот и недвосмислен одговор кој дојде од оваа институција, како и лично од министерот кои јасно нагласија дека не постои организирана опасност за трговија со органи.

Но, како еден од начините за побрзо и поефикасно справување со вакви и слични кризи во иднина би сугерирал министерството да ги земе предвид и следните препораки: дневни брифинзи со медиумите кои ќе бидат наменети само за нивните прашања; постојано ажурирање на веб страната на институцијата со новостите во сите истраги (не само еднаш дневно или кога ќе биде комплетирана истрагата); па дури и формирање на тим кој ќе биде континуирано достапен за официјални одговори на прашањата од граѓаните на социјалните мрежи.

Исто така вина има и кај онлајн медиумите кои често во трката за брзо пренесување на информации се потпираат на статуси или дописи од читатели. Дали и тој институционален вакуум придонесе во оваа состојба на растревоженост?

Кордалов: Како што споменав и на почетокот, вина за ваквата состојба има кај секој од нас, вклучително и кај интернет порталите.

Огромната конкуренција помеѓу интернет порталите и малиот пазар кој го имаме направија да се води тешка борба за секој клик во интернет просторот. Во оваа битка дел од онлајн медиумите не бираат начин за да дојдат до повеќе кликови на нивните содржини, а со самото тоа и до поголем дел од колачот за рекламирање. Се објавуваат сензационалистички и непроверени информации, најчесто повикувајќи се на нечија објава или статус на социјалните мрежи. Со самото тоа што се повикале на нечија објава на Фејсбук, сметаат дека од себе ја оттргнале одговорноста. Сепак, креирањето на сензационалистички вести оди рамо до рамо со можност за ширење на страв, фама и лавина на реакции.

Но, за надминување на ваквата состојба, лично не сум поборник за строга државна регулација или субвенционирање, туку решението го гледам во медиумската саморегулацијата. Сметам дека нема ништо поопасно од директните обиди да се замолчат новинарите и медиумските работници или од индиректните обиди тие да се мотивираат за да се објавуваат медиумски текстови во кои ќе бидат фалени властите.

Во земјава има доволен број на медиумски организации кои се активни и кои посветуваат сè поинтензивно внимание на овие теми. Очекувам и убеден сум дека во блиска иднина самите тие ќе развијат респектабилен систем за саморегулирање на медиумите и квалитетна борба против лажните вести и сензационалните информации кои создаваат страв и растревоженост помеѓу граѓаните.

Медиумите треба да добијат поддршка во градењето на професионални стандарди од нивни колеги од западните земји и тамошните медиуми. Според мене, токму во ова треба државата, заедно со донаторската заедница да вложува напори и финансиски средства.

Дополнително, би сакал да истакнам дека строгата регулација на интернет просторот и порталите нема да го даде посакуваниот ефект, туку првенствено може да предизвика и сомнеж за потенцијално замолчување на медиумите. Креирањето на стандарди може и мора да дојде од самите медиуми, а не да биде наметнато од страна на државата.

А, што е она кое државата може да го направи за да им помогне на медиумите? Многу е едноставно. Треба да ги отвори своите врати за сите медиумски куќи, постојано, навремено и брзо да дава официјални информации и да ги третира сите медиумски работници со респект. Еве само два едноставни примери: 1) Медиумите треба да ја добиваат однапред целосната дневна агенда на секој функционер за да бидат информирани за секој настан во денот, па самите да одлучат дали и што медиумски ќе проследат; 2) При планирање на секоја активност на јавната институција, најпрво да се обезбедат најдобрите позиции за снимателите, фоторепортерите и новинарите, а потоа сè останато. Бидејќи во секоја прилика е важно да се потсетуваме дека медиумите = граѓаните, односно дека тие работат во интерес на информирањето на јавноста.

Дополнително, секоја јавна институција и функционер треба да се посветат и на дигиталната транспарентност, особено во време кога статистичките податоци за интернет и корисници на социјалните медиуми се приближуваат до 100% од граѓаните.

Гледано од социолошки аспект често во заедници во кои има недоверба лесно и брзо се шират панични дезинформации, перцепцијата градена на страв и недоволна информираност создавала сериозни судири, протести па и линчувања. Дали со начинот на кој сега ги користиме социјалните мрежи оваа опасност од погрешно насочување се зголемува?

Кордалов: Мислам дека прво мора да разбереме дека социјалните медиуми го претставуваат поединецот, но и целокупно народот. Значи, тие се огледало кое не отсликува поединечно и колективно, со сите маани и доблести, политички убедувања, ставови по одредени прашања итн.

И затоа втората клучната работа е да престанеме да носиме заклучоци за „расположението на граѓаните на социјалните мрежи“. Никој не може да го измери пулсот на социјалните медиуми, бидејќи такви алатки нема. Секој од нас може да создаде перцепција за својата група на пријатели со кои виртуелно се дружи на Фејсбук, Инстаграм, Твитер итн.

Третата клучна работа е дека политичарите (од власт и од опозиција) мора да прифатат дека на социјалните медиуми секогаш ќе има граѓани и групи кои ќе ги поддржуваат, како и личности и групи кои ќе сметаат дека тие не се вистинската политичка опција. И тука, простор за драма нема, ниту начин како политичарите да стават контрола врз социјалните мрежи. Впрочем, како што вели една изјава на Стив Џобс: „Ако сакате да ги направите сите среќни, не бидете лидери, туку продавајте сладолед“.

Од се што претходно наведовме, произлегуваат недовербата, како и судирите, кавгите, па и говорот на омраза. Кај нас со децении, смислата на постоењето на партиите е да си одат контра една на друга. Значи, ако едната политичка партија каже дека ѕидот треба да се бојадиса во бела боја, другата политичка партија само за да биде контра, ќе каже дека треба да се обои во зелена боја. За жал, во нашата земја не се ставаат во прв план стручните луѓе – оние кои имаат знаење, но и искуство и минат труд во областите, туку важат сосема други критериуми и токму политичарите најчесто се оние кои ги носат одлуките кои првенствено бараат стручно мислење.

Во демократските земји, токму стручните луѓе во своите области се креатори на стратегиите и плановите, а претставниците на власта и опозицијата се обединуваат по клучните прашања и препораки од стручната јавност. Кај нас, се уште можеме да видиме раскарани власт и опозиција на тема загаден воздух или партиски препукувања за безбедноста во сообраќајот и слично. А, логиката вели дека и власта и опозицијата треба да ги прочитаат и следат препораките и стратегиите кои ги предложиле стручните лица и заеднички да продолжат да ги спроведуваат. Секако, потребно и здраво е да продолжат дебатите и меѓупартиските разлики на дневнополитички и идеолошки теми, како што е на пример темата дали е подобро да се воведе прогресивен или рамен данок.

Сето ова се одразува и на социјалните медиуми, ги поларизира граѓаните и дел од нив стануваат мини политичари – претставници на своите партиски водачи на онлајн платформите. Се фали или критикува, во зависност од политичкиот дрес во моментот. Кога ќе се сменат улогите на власт и опозиција, само се менуваат страните, а истите плочи продолжуваат да свират.

Токму ваквото дејствување е одличен рецепт за создавање на расцеп во општеството, омаловажување на стручноста на професиите, како и градење на континуирана недоверба во институциите. Ако се разниша довербата е тешко, но ако се сруши таа доверба ќе стане невозможно да се функционира.

Х.С.

Слично

Поврзани вести