Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто пропадна лидерската кај Пендаровски: Никој не го сакал датумот на Заев, Мицкоски дошол без план

Зошто пропадна лидерската кај Пендаровски: Никој не го сакал датумот на Заев, Мицкоски дошол без план

Средбата на лидерите на политички партии кај претседателот Стево Пендаровски на која се дискутираше за одржувањето на предвремените избори.вчера заврши безуспешно да се дојде до некаков ориентациски договор околу датумот за гласање, а препукувањето помеѓу власта и опозицијата продолжи денеска со меѓусебни обвинувања.

Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ, денеска објави дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата дошол без никаков план.

„Христијан Мицкоски на средбата немаше никаков детален план, ниту за здравството, ниту за економијата, како што тоа го најавуваа познатите опозициски портали. Тој имаше план само за една своја лична цел – да бега од темата за избори, наметнувајќи други теми на состанокот.

Се обидуваше да ја вмешува ДИК како можна пречка за спроведување на изборите, потоа ги спомнуваше и ОБСЕ и нивните можности за мониторирање, но сите евтини трикови му беа веднаш одбиени – ДИК е институција која има задача да спроведува избори, а не да дава мислења и совети, а ОБСЕ е сериозна меѓународна организација која најпрофесионално ќе одговори на потребата од набљудување на изборите во земјава, се разбира откако ние како држава ќе ги известиме за датумот на изборите.

Кога виде дека бегството не му успева, почна да бара претседателот на Владата да му гарантирал дека ќе можел да тера теренска кампања со некакви митинзи и дека немало веќе да има новозаболени и новопочинати од коронавирус. Во еден момент си помислив дека ќе побара од власта и програмата да му ја напише, оти нели се жалеше дека немал време да спреми програма за претстојните избори“напиша меѓудругото Николовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ниту еден лидер присутен на средбата не го прифатил предлогот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за одржување на избори на 14 јуни.

„Заев е осамен во желбата за брзи избори на сметка на здравјето на граѓаните. Неговите позиции и лицитација со датуми не беа прифатени од ниту еден учесник на лидерската средба. Заев дојде неподготвен, исклучиво спремен да разговара за датуми, а не и за заштита на здравјето на граѓаните. Невистина од Заев е и таа дека укинувањето на вонредната состојба ќе значи и веднаш почеток на изборен период. Тоа не може да се толкува на тој начин, и преставува противправно толкување на изборниот законик. 

Не е точна изјавата на Заев дека “изборите се прогласени” . Изборите не може да се прогласени, кога договор за датум нема, а датумот пред се зависи од три фактори:оценка за здравствената состојба од Комисијата за заразни болести, мислење од ДИК за превземање на дејствија и подготовка за избори, како и обезбедување на набљудувачи на изборите од ОБСЕ и ОДИХР кои ќе обезбедат целосно покривање и мониторинг на мисијата“, рекле извори од најголемата опозициска партија за А1он.

Од кабинетот на шефот на државата по состанокот единствено излегоа со соопштение дека со консензус било одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет и дека во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси.

Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите.

Почетокот на идната седмица ќе има повторно лидерска средба.


Слично

Поврзани вести