Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗОШТО ПРЕД НАС Е КРИЗНА ГОДИНА - до јуни ќе се продолжат и струјната, и пандемиската и мигрантската кризна состојба

ЗОШТО ПРЕД НАС Е КРИЗНА ГОДИНА - до јуни ќе се продолжат и струјната, и пандемиската и мигрантската кризна состојба

Идната година, или барем првата половина од неа, ќе биде кризна година. Односно, на територијата на земјва ќе бидат проглаени три вида на криза - енергетска, пандемиска и мигрантска. Или поточно, се до јуни 2022 година, во земјава ќе имаме и енергетска кризна состојба, и ковид криза, но и кризна состојба предизвикана од мигранти.

Пред народните избраници на усвојување стигнаа три предлог владини одлуки за продолжување на кризните состојби.

Првата е предлог одлука за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на земјава, поради недостиг на електрична енергија. Со оваа одлука се одобрува продолжување на рокот на кризната состојба се до 9 јуни наредната година, а примената на оваа одлука ќе стартува од 9 овој месец.

Како што е познато, Владата пред еден месец донесе Одлука за прогласување на кризна состојба на територијата на цела држава, на предлог на Управувачкиот комитет за кординација и управување со кризи, Министерството за економија и Комисијата за следење на состојбата во снабдувањето со електрична енергија. Како главна причина за ова се наведе недостигот на струја и состојбите на пазарите од каде што таа се набавува. Тогаш се определи дека периодот за постоење на кризна состојба на територијата на цела држава е најмногу до 30 дена, почнувајќи од 9 ноември 2021 година.

Но, после ова, Комисијата за следење на состојбата во снабдувањето со струја, изготви процена дека ризиците поради кои е прогласена кризната состојба не се надминати, а Министерството за економија достави предлог за продолжување на кризната состојба. Потоа Владата, на седницата одржана на први декември, ја утврди потребата да се продолжи кризната состојба, и тоа се до 9 јуни идната година.

Но, за тоа да се направи на еден вака подолг период, мора да пресечат народните избраници, па затоа Владата сега бара од Собранието да ја донесе Одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на земјава.

Пред пратениците на гласања ќе се стави уште една предлог одлука, и тоа за продолжување на рокот на кризната состојба на цела држава за заштита на јавното здравје во услови на пандемија со ковид, и заради спречување од негово ширење во зголемен обем, со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението. Па така, кризната состојба поради коронавирусот во земјава, наместо до крајот на годинава, ќе биде продолжена до 30 јуни наредната година.

Како што е познато, уште од 20 ноември минатата година, беше прогласена кризна состојба на територијата на земјава заради заштита од ковид. Тогаш беше прифатен и Предлогот за учество на дел од Армијата во справувањето со кризната состојба, и за МВР и АРМ физички да ги обезбедуваат ковид центрите. Претседателот на државата одлучи за учество на дел од припадниците на АРМ во справувањето со кризната состојба, а на предлог на Главниот штаб за управување со кризи.

Притоа, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со сите останати засегнати државни институции беа задолжени да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција на справување со кризната состојба.

Потоа кризната состојба беше продолжена до 30 јуни 2021 година. Тогаш му се предложи на Собранието да ја продолжи кризната состојба „со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата и безбедносните сили на МВР, како и навремено, ефикасно, ефективно и координирано дејствување на сите надлежни институции заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од СЗО и заради спречување од негово ширење во зголемен обем“. Оваа одлука беше прифатена од законодавниот дом. Имаше уште едно продолжување на кризната состојба, и тоа за до крајот на оваа година, со истото владино образложение.

Сега ќе има уште едно продолжување, за уште шест месеци, односно до 30 јуни идната година, а образложението е повторно исто како и во претходните два наврати, односно „да се обезбеди континуитет на активностите од страна на силите на АРМ и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, како и навремено, ефикасно, ефективно и координирано дејствување на сите надлежни институции заради заштита на јавното здравје“.

И конечно, до Собранието стигна и предлог одлука за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на земјава, поради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на земјава и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење на пандемија, со кои, како што навеле од Владата, се загрозува безбедноста, здравјето и имотот на населението.

Се предлага и оваа кризна состојба да продолжи да трае до крајот на јуни 2022 година.

Како што е познато, таа за прв пат се воведе од први април годинава. Владата тогаш му предложи на Претседателот да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справувањето со кризната состојба. Потоа оваа кризна состојба се одлучи да продолжи до крајот на годинва, а сега се бара таа да продолжи и во цела прва половина од наредната година.

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести