По вчерашната акција и објава на социјалните мрежи дека екипите на ЈП „Национални шуми“, заедно со Шумската полиција фатија група дрвокрадци кои подолго време ги пустошеле шумите на планината Плачковица во околината на Радовиш, денеска со нов пост се огласи заменикот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов.
- Почитувани граѓани на РАДОВИШ. Нели многу Ви сметаше пустошењето на Плачковица? Нели за наредната недела дури се споменуваа и протести пред општина Радовиш за непреземање ништо за заштита на Плачковица?
Нели овие групи покрај штетата што ја правеа на шумата, можеа да презгазат некој возејќи лудо по патиштата со неисправни коли без таблици и крадени дрва?
Нели овие луѓе крадеа и по викендиците кои ги имате на Плачковица, што не ги кажете?
Ако е така, тогаш зошто не застанете во одбрана на ова кое што го сработивме? - напиша Михаилов на Фејсбук.
Потоа дополни, ако е така, прочитајте ги коментарите на објавите и кај мене и на сите портали да видите како сограѓани ги бранат “сиромашните” дрвари!
- Објаснете им на тие сограѓани кои појма немаат прво каде е Плачковица, а второ, уште помалку ја знаат штетата која овие десетина луѓе ја прават на целата планина и на целиот Радовиш!
Ако во изминатиов период жолчно ме повикувавте мене лично и институциите да преземеме мерки, зошто сега жолчно не го одбраните и одобрите ова кое што го сработивме вчера, а?
Вчера јас и сите кои беа таму ги жртвувавме нашите животи справувајќи се со мафија која направи огромни штети, или не, а?
Дали јас и тие луѓе тоа вчера го направивме за Вас сите и Вашите деца во општина Радовиш и пошироко или за некој кој живее во Америка го направивме, а?
Ако не не браните, значи не ви е битно тоа што се случува и тоа што го правиме, па тогаш, нема што да се замараме и јас, и колегите и Вие, нели?
Ако не ви значи, тогаш зошто јас или било кој друг да се замара со работи во “вашиот” двор, нели?!?
Ајде мои пријатели Радовишани, планинари, загрижени репортери по планините, екологисти и сите останати кои доста време не “пеглавте” во јавноста дека соработуваме со нив, дека не сме способни, дека ќе се самоорганизирате затоа што државата е неспособна да ве брани, каде сте?
А не е лошо и ТВ КОБРА која честопати ги читаше коментарите кај мене и носеше заклучоци од нив, овојпат убаво да ги прочита сите коментари и да ги прераскаже! - заклучува на крајот на објавата Михаилов.