Зошто на Заев не му се брза на предвремени избори?
По убедливата победа на Заев и СДСМ на локалните избори 2017 со рекордниот број на освоени градоначалници постои голема шанса истиот резултат да се преслика и на нови парламентарни избори. Доколку Заев реши да оди што побрзо на предвремени избори сосема извесно е дека може лесно да ги добие со што ќе го зацврсти парламентарното мнозинство и повеќе нема да биде често блокираат од пеесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, но таков чекор кој Груевски го направи во 2011 година можеби и да не е потребен.

Заев како премиер засега може да смета на учеството на Алијансата за Албанците во владината коалиција со поддршка на легилативните процеси во Собранието. Така единствен услов сега да се отиде на избори е со 61 глас да се распушти собранискиот состав што е малку веројатно. СДСМ прво мора да покаже и дека знаее да владее и секако да видиме како ќе владее пред да решиме веднаш да оди на нови избори и да добие уште една шанса за убедлива победа со што ќе имаат нов зацементиран четиригодишен мандат.
Бројчано мнозинството на СДСМ во Собранието не значи дека ќе опаѓа бидејќи реформските политики може да ги поддржи уште некоја од албанските партии, а не е исклучена опцијата Груевски да почне да губи пратеници од својата коалиција кои вообичаено се вртат кон победникот. Засега само Саздовски јавно посочи дека излегува од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за да делува како независен, а за такви одлуки се шпекулира дека се подготвени уште десетина пратеници.
Засега СДСМ мора да се фокусира на реализирање на ветените реформи како и обврски во меѓународните односи за евртоатланска перспектива на Македонија. Покрај работата на Владата која сега не смее да се одложи со нови избори е и измореноста на општеството од политики, партии и избори. Мора да дојде до барем минимална консолидација на македонското ткиво, да се спуштат тензиите, да се скроти бесот и омразата кон политичкиот противник и повторно да се пронајдат темите од заеднички интерес каде сите би можеле да придонесат.
Освен компликации на краток рок, Заев мора да мисли и на долги патеки и како да ги одржи ветувањата пред граѓаните на најдобар начин, односно да ја исполни суштината која СДСМ ја вети во борбата со криминалот и корупцијата кои произлегуваат од бомбите. Така Заев може постепено да го билда својот рејтинг но, и да ги ослабува останатите партии со тоа што ќе прерасне во силен меѓуетнички субјект кој со поддршка на Македонци, се и се поголем број на Албанци, Турци, Роми и сите останати заедници да стигне до нова победа која ќе го рефлектира мултиетничкиот карактер и на самата земја, па така и на некоја идна влада која би ја формирал.
Автор: Христијан Станоевиќ
