Зошто на Груевски не му беше вратен пасошот?
Има неколку причините поради кои судиите одлучиле да не ја прифатат жалбата на адвокатскиот тим на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски да му се врати пасошот.
Апелациониот суд ја објави одлуката со која го одбива барањето на адвокатите на Груевски да му биде вратен пасошот за да може да патува надвор од земјата.
„Груевски се товари за сериозни и тешки кривични дела, па имајќи ги предвид видот и тежината на кривичните дела, како и висината на казната затвор што е предвидена за нив, имотната состојба и околноста што против него се водат други кривични постапки за други кривични дела „оправдано може да се очекува дека обвинетиот може да се даде во бегство и да се крие со цел да ја попречи кривичната постапка“- стои во образложението на одлуката.
Понатаму се додава дека опстојувањето на определените мерки на претпазливост изречени спрема обвинетиот, а како една од мерките за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на понатамошниот тек на постапката е оправдано и по оцена на судот успешно ќе се елиминира опасноста од бегство на обвинетиот и ќе се обезбеди негово присуство, како услов за брзо, ефикасно и економично спроведување на кривичната постапка.
