Зошто македонските гласачи стануваат апатични?
Првиот круг од локалните избори кои се одржаа на 17 октомври, покажа слаба излезност, за што социологот Славе Младеновски објаснува дека граѓаните немаат желба за промени и се чувствуваат немоќни.
Смета дека политичките субјекти свесно го задушуваат активизмот на граѓаните за нивни потреби и интереси. Зависно од потребите, вели дека партиите ги поттикнуваат граѓаните да излезат на гласање или да останат дома.
„Ние сме прва држава која измисли контра протести, нема дебата, нема аргументи, нема размена на идеи. Имаме два моменти, идентификација и партиципација, и луѓето се идентификуваат, но кога ќе дојде време да ги бранат тие вредности, тоа малку луѓе го прават или тоа трае многу кратко“, рече Младеновски.
Вели дека првенствено не се негуваат позитивните општествени вредности, како солидарност и работливост. Социологот објаснува дека свесно се создаваат лажни вести, а граѓаните не секогаш се информирани за тоа што е сработено во нивната општина или каква е финансиската состојба. Дополнително, вели дека политичките пазарења го уништуваат здравото општествено ткиво. Сето ова ги демотивира дел од гласачите да излезат на избори.
Психологот Атанас Иваноски изјави дека има повеќе причини поради кои македонските гласачи не се заинтересирани да учествуваат во изборниот процес. Според него, тие се разочарани и немаат доверба во политичките елити.
„Нема интерес за гласање, затоа што граѓаните не се мотивирани, и гледаат дека со децении не се подобрува социо – економскиот статус и квалитетот на живот. Ако се разочарани, многу тешко се враќа довербата во оние кои се задолжени да го подобрат квалитетот на живеење“, рече Иваноски.
Според податоците на Државната изборна комисија, од вкупно 1.824.864 избирачи во државата, гласале 938.631, односно излезноста е 51,44 отсто.
Во Пласница гласале само 34,65 отсто од избирачите. Во Дебар излегле 41,88 отсто од гласачите, во Кичево 45.15 отсто, во Куманово 49.21 отсто, Ресен има 52.17 отсто, Велес е со 52.22 отсто, а Гостивар со 39.02 отсто, додека во Тетово гласале 44,81 отсто од избирачите. Струга има 41.36 отсто излезност.
Но, имаше и населени места каде граѓаните беа расположени за гласање. Тука спаѓаат некои од помалите општини во земјата, па така излезност од над 70 отсто имаше во Вевчани, Дојран, Карбинци, Конче, Лозово. Најголем одзив во првиот круг имало на локалните избори во 2013 година – 67 проценти.
Сања Атанасовска