Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зошто Македонците се меѓу најнесреќните народи во Европа и светот?

Зошто Македонците се меѓу најнесреќните народи во Европа и светот?

Многу истражувања последниве години говорат за тоа дека Македонците се еден од најнесреќните народи на светот.

Дека македонските граѓани не се задоволни од својот живот, покажа анкета на Галуп објавена годинава. Ваков одговор дале 32 отсто од анкетираните. Земјава го зазема високото трето место меѓу најнесреќните земји во светот, а полошо котираат само Гана и Украина.

Ги прашавме стручните лица што е она што ги прави несреќни македонските граѓани. М-р Радмила Манчевска - психолог, гешталт психотерапевт од ГЕШТАЛТ ЦЕНТАР „Младен Костиќ“- АСПЕКТИ – Исток, вели дека прашањето за среќата е комплексно, посебно ако се има во предвид дека тоа е субјективно доживување кое во голем степен зависи од нашиот субјективен став и поглед на светот околу нас. Таа додава дека надворешните влијанија се поттикнувачи или супресори во нејзиното јавување. Но, сепак објаснува дека ние како социјални битија не можеме да се изолираме од средината и вредностите кои владеат.

„Во последно време во вреднувањето на настаните, доживувањата, објектите и луѓето околу нас се повеќе е нагласена материјалната страна, која во голем степен ги обезвреднува сите останати вредности и постигнувања кои човекот ги достигнал. Споредувајќи се на тој план со земјите околу нас, освен Албанија, а посебно споредувајќи се со западноевропските земји и нивниот животен стандард се создава чувство на инфериорност, немоќ и незадоволство кое во голем степен го обзема целокупното субјективно доживување на личноста. Оваа незадоволство се надоврзува со голем број на фактори кои во голем степен придонесуваат кон тоа како што се селективната правда, (каде пак е нагласена финансиската моќ), митото и корупцијата, политичката дихотомија на општеството, влијанието на медиумите каде најголем простор се остава на негативните вести и случувања и генерално обезвреднувањето на  човековите вредности на хуманост, помагање, соработка и заедништво, како и обезвреднувањето на образовниот систем кој би требало да биде значаен столб на јакнење на човековите вредности. Сето тоа создава еден негативен став кон сите случувања во општеството кој прераснува во навика и начин на размислување. Живеејќи во такво опкружување ние се повеќе се оддалечуваме од соживотот со другите луѓе, се повеќе стануваме осамени и индивидуалисти што не е во суштината на човековата природа. На тој начин се повеќе се оддалечуваме и од сопствената природа, а со тоа стануваме се понезадоволни и песимистички настроени“, вели Манчевска.

Психологот објаснува дека многу истражувања за задоволството од животот и среќата потенцираат три начини преку кои луѓето се обидуваат да ја остварат среќата: удобен живот, ангажиран живот и смислен живот.

„Удобниот живот се темели на хедонистичките потреби за забава, добра храна, пиење, купување, играње, одмарање, опуштање што во голем дел е поврзан со финансиската моќ на личноста. Ангажираниот живот се темели на активности кои предизвикуваат состојба на занесеност како што се читање на книги, подучување, занимавање со одреден инструмент, решавање на тешки проблеми и слично. Смислениот живот се однесува на користење на нашите способности и вештини за нешто што е поголемо од нас самите – знаење, правда, социјалната средина, семејството, општото добро и слично. Според истражувањата кои ги направиле,  дошле до констатација дека удобниот живот сам по себе не придонесува во голем степен за задоволството со животот, но е значаен во комбинација со останатите две. Тие истакнуваат дека најдобри предиктори за животното задоволство се смислениот и ангажиран живот“, додава психологот.

Според истражувањето на Галуп реализирано во 42 држави, Македонците се трети на листата на најнесреќни луѓе во светот, а втори во Европа.

Првопласираната Гана води со 38 проценти, а во втората најнесреќна држава Украина 35 отсто од населението е незадоволно од својот живот.

Со години наназад скандинските земји се едни од најсреќните во светот. И во време на пандемија, Финците биле најсреќен народ во светот.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести