Зошто Јовески доби доверба да го наследи Зврлевски?
Со големо професионално искуство и без црна дамка во кариерата. Со ваков багаж доаѓа наследникот на Марко Зврлевски, Љубомир Јовески, кој е предложен како кандидат за државен јавен обвинител.
Од вкупно 23 кандидати за оваа функција, меѓу кои искусни судии, адвокати и обвинители Владата даде предлог до Собранието токму Јовески да биде новиот јавен обвинител.
Љубомир Јовески ги елиминираше сите претенденти за оваа престижна, но и одговорна функција и помина низ филтерот на Советот за јавни обвинители и Владата, а сега на ред се пратениците кои ќе одлучат дали ќе го дадат гласот за Јовески.
Тој во судството е речиси четири децении, од 1979 година, кога станува приправник во Секретаријатот за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Бил судија во Општинскиот суд, во Основниот суд Скопје 2, а во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител и бил од тимот на Марко Зврлевски. Во моментот го довршува својот двегодишен мандат во Советот на јавните обвинители.
Какво Обвинителство остави Зврлевски
Неажурно, пристрасно и непрофесионално. Со три збора, вакво беше Јавното обвинителство кое го водеше Марко Зврлевски. За време на неговиот мандат од 2013 година, не беше отворен ниту еден случај за криминал во кој е инволвиран функционер од ВМРО-ДПМНЕ.
Се дружеше со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков на Ромски балови, но не се појавуваше на јавни настани за да даде отчет за неговата работа. Неговото име се слушна во една од „бомбите“ на СДСМ, во разговор меѓу бившите министри Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, а тој наместо истрага за нелегалното прислушување, отвори случај против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, познат како „Пуч“.
За тогашната опозиција, а сегашна власт Зврлевски беше посочуван како последен бастион на режимот на Груевски, а веднаш по изборот на новата Влада, премиерот Заев рече дека првата работа што планира да ја направи е да побара оставка од него.
Тој ќе остане запаметен како јавен обвинител во чие време се формираше Специјално јавно обвинителство, како пандан на Државното јавното обвинителство.
Скромен, но и безгласен во јавноста
За разлика од Зврлевски, кандидатот за негов наследник Љубомир Јовески, засега зад себе нема никакви афери или скандали.
Јовески во својот имотен лист доставен до Антикорупциската комисија навел дека поседува стан во Скопје од 51 квадратни метри во вредност од 38.000 евра. Вози Рено Меган, а поседува и Југо старо 19 години. Во банка има 7.000 евра и трансакциска сметка од 10.000 денари. Но, има и долгови, односно кредитна картичка со минусно салдо од 150.000 денари.
Јовески не е „ѕвезда“ како Зврлевски. За него во архивите на медиумите не може да се најде речиси ништо во времето пред да стане кандидат за Јавен обвинител.
По изборот во Собранието, Јовески ќе мора да излезе од удобната анонимност. Го чекаат многу случаи, а меѓу првите кои веќе се во фаза на истрага се насилните протести во Собранието на 27. април, а јавноста од него чека да открие кој бил организаторот и кој има командна одговорност за крвавиот четврток.
Ј.М.
