Зошто фалат милијарда и пол денари приходи од ДДВ?
Наплатата на ДДВ за 11 месеци е пониска за 1,58 милијарди денари од планираното. За да се оствари планот на Тевдовски во декември треба да се соберат 5,664 милијарди денари. Дали е тоа „мишн импосибл“ ако се знае дека во најдоброто за еден месец се собрани 4,78 милијарди денари
Најважната приходна буџетска ставка - данокот на додадена вредност (ДДВ) за ноември донел најниски нето приходи во период од пет последни месеци, а акцизата, втора по значење, приходна ставка има најслаб резултат во период од 4 месеци, покажуваат официјалните податоци што ги објавува Министерството за финансии.
Нето приходот од ДДВ во ноември во централниот буџет слеал 3,447 милијарди денари што е најслаб резултат од јули кој е најдобар месец во кој се слеале 4,783 милијарди денари. Ноември во споредба со октомври е послаб за безмалку една милијарда денари. Официјалните податоци покажуваат дека е потфрлено и со реализација на планот за собирање нето приходи од ДДВ. Имено според последниот ребаланс вкупните средства за годинава од ДДВ треба да бидат 44,965 милијарди денари до крај на ноември. До крај на ноември реализацијата е 43,389 милијарди денари, а потфрлањето е 1,58 милијарди денари. Многу зависи каков ќе биде последниот месец годинава кој по традиција треба да биде трошаџиски. Доколку не е е така тогаш се создава дополнителен проблем за буџетот што ќе треба да се решава.
Сличен месец по трошење на ноември бил август за кој и е разбирливо да биде послаб заради тоа што во ек се годишни одмори, многумина се надвор од земјава и економската активност е помала. Но, реално за намалена економска активност во ноемрви и не може да се најде некоја главна причина и веројатно тоа е сплет на повеќе фактори.
Како и да е по планот просечно месечно реализацијата на ДДВ требала да изнесува 4,088 милијарди денари. Реално во пракса реализацијата на ДДВ на месечно ниво во просек за првите 11 месеци е 3,944 милијарди денари односно просечно 144 милиони денари помалку на месечно ниво.
Кај акцизите, реализацијата на планот е подобра отколку кај ДДВ-то и изнесува 91,7 отсто за 11 месеци. Вкупно до крај на ноември се собрани 21,4 милијарди денари, а треба да се соберат уште помалку од 2 милијарди денари за да се реализира планот. Во ноември од акцизи во буџетот се собрани 2,056 милијарди денари што е најслаб резултат од август досега кога пак е направен рекорден прилив од 2,645 милијарди денари.
Р.Ф.