Зошто директорот на Витаминка има поголема плата од добивката на фирмата?
Официјалните податоци содржани во годишниот извештај на Комерцијална банка, во чиј надзорен одбор е Наумоски, покажуваат дека тој во „Витаминка“ има бруто плата од 85.600 евра. Само за споредба лани добивката на „Витаминка“, под водство на Наумоски, била околу 57.860 евра. Тоа значи дека Наумоски има безмалку 50 отсто повисока плата од нето добивката по оданочување на компанијата што ја води.
Големата македонска кондиторска индустрија „Витаминка“ од Прилеп лани исплатила бруто плата од 5,28 милиони денари односно околу 85.600 евра на својот генерален извршен директор Сашо Наумоски. Ова е официјален податок што е објавен во годишниот извештај на „Комерцијална банка“ за 2016 година во чиј Надзорен одбор членува Наумоски. Од достапните податоци може да се заклучи дека Наумоски овие средства ги добива од „Витаминка“ заради тоа што во извештајот е наведено дека не членува во други органи на управување и во други органи на надзор.

„Фактор“ во интерес на целосно и објективно информирање на јавноста побара одговор од Витаминка дали сите објавени приходи во годишниот извештај на банката во чиј одбор на директори е тој се од „Витаминка“ или има и друг извор на приходи, а воедно побаравме одговор и дали е точна бруто сумата објавена во годишниот извештај.
„Витаминка измината година имаше зголемен капитал со пораст на вкупната актива за 14 отсто со нови инвестиции, кои оваа година треба да резултираат со поголема добивка. Додека пак, консолидираниот пад од добивката, се должи на загубата за фабриката за јаглерод диоксид во Битолско, како и инвестициите во нашата компанија во Белград, којашто по долги години почна позитивно да работи. Исто така, во измината година со бизнис климата во земјава и порастот на цените на дел од суровините што ги користиме, придонесоа за зголемување на издатоците кои што се одразија и врз профитот на компанијата. Витаминка лани исплати околу 4 милиони евра бруто плати и регрес за годишен одмор (К15) во Македонија и плус во своите фирми во регионот. Доколку се земат предвид сите овие бројки и калкулации, ќе се види дека годишниот обрт на средства на компанијата е многу поголем и дека всушност годишниот личен доход не е ни 0,3 % од истиот.Пресметката и дефинирањето на висината на годишниот личен доход на директорите на Витаминка, е соодветно на стандардната пракса за пресметка на менаџерска плата како и во останатите македонски компании. Токму затоа, се е објавено јавно и транспарентно, стои во одговорот на Витаминка“.
Платата на Наумоски е за 50 отсто повисока од добивката на „Витаминка“!
Бруто платата на Наумоски, барем од досега достапните податоци кои се малубројни, за македонски услови е прилично висока и е во рангот на големите компании меѓу кои е впрочем и „Витаминка“. Лани „Витаминка“ имала добивка по оданочување во износ од 3,57 милиони денари (околу 57.860 евра). Бруто платата на Наумоски (според податоците од годишниот извештај на Комерцијална банка) е за околу 27.750 евра повисока од добивката на компанијата што тој ја управува.
„Витаминка“ е гигант: приход од 29 милиони евра, оперативна добивка од 1 отсто
„Витаминка“ лани успеала да дојде до рекордно високо ниво на вкупен приход од редовни активности. Тие достигнале до 1,73 милијарди денари, во вакви услови компанијата годината ја завршила со најмала добивка во последниве три години која изнесува помалку од 58.000 евра.
Сашо Наумоски е втор по големина акционер во прилепската прехранбена иднустрија “Витаминка“ и поседува 7 отсто од акциите со право на глас. Неговиот татко Симон, кој воедно беше и долгогодишен директор и човек што ја издигна „Витаминка“ на ниво на светска компанија, е најголем акционер и поседува 29,5 отсто од акциите. Тој е актуелен претседател на Управниот одбор на „Витаминка“. Марика Наумоска е петти по големина акционер и поседува 5,21 отсто од акциите со право на глас.
Поголеми акционери се уште и двајца поранешни директори во „Витаминка“: Кирил Божиноски со 6,04 отсто од акциите со право на глас и Стеван Игнатоски со 5,98 отсто од акциите со право на глас. Акционер што поседува над 5 отсто е и Наташа Стојковска со 5,12 отсто од акциите.
Р.Ф.