ЗОШТО БУЈАР ОСМАНИ НЕ ЈА КАЖА ВИСТИНАТА ЗА ОСТАВКАТА НА ШЕФОТ НА ПРОТОКОЛОТ - по дипломатскиот синдикат, реагира и ВМРО-ДПМНЕ
Директорот на протокол на Министерството за надворешни работи (МНР), којшто го згреши знамето на Словенија, не е разрешен од функцијата туку е унапреден во амбасадор во Москва, тврди ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение што го испрати до медиумите.
„Бујар Османи не ја кажа вистината кога соопшти дека директорот на протоколот наводно поднел оставка поради згрешеното знаме за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Вистината е дека тој добил датум и е унапреден за амбасадор во Москва. Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како може човек кој не разликува знам да преставува држава?“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, министерот Бујар Османи вчера изјави дека шефот на протоколот поднел оставка и дека тој самиот му ја прифатил.
Според Синдикатот, механизам оставка на државен службеник не постои, посочувајќи дека директорот на протоколот во МНР за една недела треба да замине како „амбасадор во една голема земја“ и оти за таму картите му биле извадени уште пред „грешката со знамињата“.
– До кога Османи ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштити себе си од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако. Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата, се вели во денешното соопштение од Македонскиот дипломатски синдикат.
Тие додаваат дека се почесто се случува министерот Османи да излегува во јавност со невистините информации.
– Бујар Османи е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка. Како Синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана, од колеги кои не можат да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи, што побрзо, зошто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави се под своја контрола, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.
Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да се борат за, како што велат, зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР.
