Зошто бензинот е поскап во Германија отколку во повеќето земји од ЕУ?
Растот на цените на бензинот во Германија во последните недели е значително поголем отколку во другите земји од Европската Унија, покажуваат податоците објавени од Европска комисија, пренесува Еуроњуз.
Цените на горивата во Европа се зголемија поради растечките тензии и конфликтот во Иран, но во Германија поскапувањето е особено изразено. Според анализите, бензинот во земјата поскапел за речиси пет проценти во последните недели, што е над просекот во ЕУ.
Најскап бензин во Европа моментално плаќаат возачите во Холандија, каде цената минатата недела достигнала околу 2,17 евра за литар. Германија е веднаш зад неа со просечна цена од 2,08 евра за литар, додека високи цени се забележуваат и во Финска и Данска.
Главната причина за повисоките цени во Германија се високите национални даноци и акцизи на фосилните горива. Земјата има и дополнителна наплата за емисиите на CO2, воведена како дел од климатските политики, што дополнително ја зголемува крајната цена на горивото.
И покрај тоа, германската влада смета дека последното поскапување е несразмерно, па формираше работна група која треба да анализира дали нафтените компании ги злоупотребуваат кризите за дополнително зголемување на цените.
Министерката за економија Катарина Рајхе изјави дека цените на горивата брзо растат кога растат трошоците за суровини, но многу побавно се намалуваат.
-
Владата сака да го прекине овој механизам – изјави Рајхе.
Работната група, предводена од политичарот Зеп Мулер, ги обвини нафтените компании дека претерано ги зголемуваат цените и побара проширување на овластувањата на Федералната служба за картели, со цел да може да реагира против прекумерно високи цени.
Истражување објавено од Ханделсблат покажува дека нафтените компании често користат кризни ситуации за брзо зголемување на цените. Според економистот Фердинанд Фихтнер, последниот раст на цените не може целосно да се објасни само со растот на цената на суровата нафта.
-
Овде се остваруваат навистина високи профити – изјави Фихтнер.
Од нафтената индустрија ги отфрлија обвинувањата. Директорот на здружението Fuels and Energy, Кристијан Кихен, изјави дека маржите не се промениле од почетокот на конфликтот во Иран и предупреди дека политичкото мешање во формирањето на цените може да го наруши пазарот.
Според индустријата, повеќе од половина од цената на горивото ја сочинуваат даноци и акцизи.
-
Ако сакате трајно да ги намалите цените на горивата, треба да се зборува за државните давачки, а не за ограничување на пазарната конкуренција – порачаа претставници на индустријата.
