Зоран Заев задоволен од пресудата против Мијалков: Денес дојде правдата
Премиерот Зоран Заев го изрази своето задоволство веднаш по објавувањето на првостепената пресуда за случајот „Таргет Тврдина“ во која поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, доби 12 годишна затворска казна.
„Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир!
Правосудниот систем e независна власт и денес гледаме дека ги има сите околности да спроведува истрага без влијанија и да организира обвинителска и судска постапка во која важат само доказите и одредбите за фер и правично судење, за секој без исклучок.
Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните.
Времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери го оставаме во историјата“, напиша Заев на Фејсбук.
Ваквата реакција доаѓа откако изминатата недела Мијалков беше два дена во бегство, а Заев демантираше дека се пазарел со екс-разузнавачот пред неговото судење.
Слично
