Зоран Кардула: „Фингерпринтовите“ се чиста глупост и фрлени пари
Еден од најпознатите графички дизајнери од Македонија, Зоран Кардула, изрази незадоволство од новиот начин на гласање на локалните избори со употребата на уредите за биометриска идентификација на гласачкото место.
„Гласав но морам да напишам дека апаратите за идентификација "фингерпринт" се чиста глупост и пари фрлени. Голем дел од гласачите не ги идентификува со отисок па дури и со користење на лична карта во самиот апарат како што беше и во мојот случај и на крај одобрено ми беше гласање со отисок од прст на самиот список. Така да пак ќе кажам огромни пари фрлени“, реагира Кардула.
Од Државната изборна комисија е испратен меил до сите општински изборни комисии кои треба да го проследат до избирачките одбори во кој случај да го користат стариот метод со УВ лампа.
„ДИК ве известува доколку гласачот неспорно е идентификуван во избирачкиот список а уредот за биометриска идентификација не го препознава и по неколку обиди на гласачот му се дозволува да гласа со оставање на отисок од прст во изводот на избирачкиот список во графата за отисок на прст. Напомена: Стариот начин на гласање со употреба на спреј и УВ лампа се применува само во случај кога уредот за биометриска идентификација на гласачот е неупотреблив или нема можност за негова замена“, се вели во дописот на ДИК.
Од ДИК информираат дека на одреден број гласачки места имало прекини поради лошо ракување со уредите за биометриска идентификација, избирачките одбори се во постојана комуникација со техничките лица во ДИК, кои делуваат и на терен па проблемите се надминуваат. Најчест проблем е непрепознавање на отпечатоците, но постапката продолжува со оставање отпечаток на гласачкиот список. Од ДИК со препорака граѓаните да притиснат повеќе на апаратот, имаат право на два обиди, по што се скенираат нивните лични документи.