Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зоран Јовановски: Од 30 деца во клас, 28 се супер одлични, но ниту еден нема знаење

Зоран Јовановски: Од 30 деца во клас, 28 се супер одлични, но ниту еден нема знаење

Економскиот експерт Зоран Јовановски по поивод 30 години од независноста на земјата ги детектираше слабостите кои го ерозирале општеството и економијата во изминатите три децении во денешната колумна за Економија и бизнис

Јовановски вели дека Македонија не изгради унифицирана визија за тоа каква пазарна економија сака да има, но и дека во меѓувреме се изгубило чувството за патриотизам во земјата. 

Тој посебно се осврнува на големите задолжувања и дека парите не се продуктивно искористени од големите долгови.

„Никој не се побуни кога платите и пензиите се зголемуваа со пари позајмени од странство. Никој не се побуни за неефективноста на субвенциите во земјоделието, што нивната исплата не мора нужно да е условена со поголемо или поквалитетно (органско) производство. Кратковидиот пристап од изминативе 30 години е јасен: ако немаме – ќе позајмиме и ќе потрошиме, додека има – има, кога ќе снема – тогаш ќе му ја мислиме! Кога една земја нема пристап со кој се грижи за работите долгорочно, а не само колку што трае еден политички циклус, тогаш со текот на времето општеството запаѓа во најразлични проблеми кои обично не можат да се решат набрзина“, смета Јовановски.

Аналитичарот тврди дека еден од најголемите проблеми што се појавил во меѓувреме е партиската припадност за работата во администрацијата и јавниот сектор, како и максимално политизирање на општеството.

„Потребите на општеството или потребите на политичката партија и нејзините членови

Во текот на цели 30 години не научивме или не сакавме да научиме дека потребите на која било политичка партија и нејзините членови мора да бидат подредени на потребите на општеството и сите граѓани во него. Но, наместо тоа, општеството максимално се исполитизира, што неизбежно води до тензии и негова парализа секогаш кога треба да се донесе некаква покрупна државна одлука. Потребите на која било владејачка партија и нејзините членови станаа одредница за тоа по кој пат да се насочи земјава со што се зацементира краткорочниот пристап на владејачките структури. На политичките партии почна да се гледа како на агенции за вработување, а на влезот во политика и политичкиот ангажман како влезница за светот што обезбедува (брзо, лесно и најчесто незаслужено) подобар личен животен стандард.
И, не само тоа. Бруталната политизација на сите пори на општеството и моќта што произлезе од тоа да се биде дел од власта создаде привид (можеби и реалност) дека партијата е над државата, што го трасираше патот кон она што се вика селективна правда, амбиент во кој партијата за некого всушност станува одбранбениот ѕид против раката на правдата“, пишува Јовановски.

Образованието во овие 30 години претрпува огромна ерозија и тоа долгорочно ќе се одрази мошне негативно на развојот.

„Директна последица на сеопштата политизација е негативната селекција. Во изминативе 30 години како што поминуваше времето, така стануваше сè помалку важно да си квалитетен, да си образован, да имаш знаења и вештини потребни за извршување на некоја работа во јавната администрација. Поважно стана да имаш некаква „припадност“, партиска, етничка... Слабеењето на капацитетот на таа администрација е автогол за иднината на земјава затоа што јавната администрација е столбот од кој зависи успехот на која било сериозна реформа и таа треба да биде високопрофесионална, добро екипирана (но, не претрупана) и добро платена. Муабетите за меритократија, за избор на најдобрите при вработувањето, за напредување на најспособните итн. останаа да се вртат како своевидна орална гимнастика.

На почетокот од 80-тите години од минатиот век, кога бев во трета година гимназија, пет соученици од мојот клас не ја поминаа годината и мораа да повторуваат. Не затоа што беа лоши, туку затоа што системот бараше одредено ниво на знаење и не попушташе. И сето тоа беше најнормално прифатено од сите. Така беше порано, мораше да се седне и да се учи, немаше полесен или пократок пат.

Во изминативе 30 години, една од областите во општеството во кои дојде до најголема ерозија е секторот образование. Од една страна, добивме супер одлични ученици, ситуации каде што во клас од 30 деца дури 28 се со сите петки. Од друга страна, истите тие супер одлични имаат проблематично ниво на знаења, илустрирано со резултатите од меѓународното т.н. ПИСА-тестирање. Со други зборови, добивме номинален прогрес – многу супер одлични и суштинско назадување – генерално слабо ниво на знаења. Разводнувањето на работите со текот на времето не е изненадување ако се земе отсуството на јасна идеја што се сака во оваа област и слабо платените наставници и професори. Добивме квантитет на образовни институции и дипломи, но најчесто без потребниот квалитет што го бара пазарот на работна сила“, поентира експертот во дел од својата последна колумна.

Слично

Поврзани вести