ЗООЛОШКА: По детални проверки со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое беше заловено во Козле е волк
Од Зоолошката градина во Скопје попладнево информираа дека заловеното животно во Козле, не е куче, туку волк за што добиле потврда од експерти.
„По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во населбата Козле е волк, а не куче или мешанец. Во текот на денот, во ЗОО Скопје дојдоа и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци, кои на лице место се уверија дека не станува збор за нивното куче, туку за вистински волк, што и самите го потврдија. Животното не е чипирано, измерено е дека тежи околу 25 килограми, а од страна на стручните служби беше земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања. Волкот е млад, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст. Во ЗОО Скопје денес излегоа и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои исто така се уверени дека станува збор за волк ( Canis lupus) Дополнително, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се добие и меѓународна потврда и стручно мислење. Апелираме до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформаци, туку сите заедно повеќе да работиме на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленичиња на ланец“, велат од Зоолошката градина.
Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ги следи здравствената состојба и однесувањето на животното и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации.
Слично
