ЗОО НЕГУВАТЕЛИТЕ СЕ ПРОСТУВААТ ОД ДУЊА: „Срце ми се кинеше кога ќе те видев...“
Ќе речат старост, години колку човечки 100, но љубовта што ти ни ја даваше секојдневно е ненадоместлива... Ќе им фалиш најмногу на Боки и Виктор кои за тебе се грижеа секојдневно, а и на сите нас на кои ни беше омилена. Сите те разгалувавме бидејќи беше најстара жителка заедно со баба Мими шимпанзото, сите внимаваа да имаш комфорт, мир и спокој со оглед на мачниот живот што го имаше во минатото. Од бебе окована во синџири, принудена на циркуски точки и злоупотребувана за забава на циркуска публика, со живот поминат во вагон и патувања во студени краишта како Шведска, Германија, Норвешка заедно со твојата неразделна другарка Даела...
Беше најголемата азиска слоница во Европа според Гинисовата книга на рекорди, но исто така и една од најстарите во светот. Доживеа длабока старост, овде во Скопје, но болката е преголема зошто ти беше животно со многу емоција во себе, небаре детенце со добра душа. Од тебе научивме многу работи, за тоа што е другарство, што е љубов и што е сочувство
Последните неколку години кога веќе почна да те фаќа сенилност знаеше на моменти да свириш со сурлата во празно како што тоа си го правела на усните хармоники поставени под шаторското крило на циркусот. Тогаш срце ми се кинеше кога ќе те видев... Не знам колку пати жива те преплакав за овие шест години, а можеш да замислиш како ни е сега на сите што те сакавме и колку солзи има за тебе. Ќе бидеш сега во рајот на слоновите, слободна без оковите на минатото.
Најмила Дуња, џинот со добро срце- те сакаме
„Не измачи сите кога стигнавте во 2018 ама убаво беше.
Ги остави без спиење сите и Војо, Сашо, Катерина и Бојан и сите колеги. Нив највеќе ќе ги боли ова а и сите деца во државава.
Голема загуба, мирно небо Дуња.
И поздрави ги Флопи и Каспер“, се вели во друга објава на социјалните мрежи.
