ЗНМ бара Владата итно да го подмири долгот на МРТ кон ЕБУ
Здружението на новинари на Македонија ја повикува Владата итно да обезбеди средства за подмирување на долгот што МРТ го има кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ), кој изнесува околу половина милион евра.
„На овој начин ќе се отстрани опасноста Македонската радиотелевизија да биде „отсечена“ од Европското радиодифузно семејство што претставува голем чекор назад во процесот на европските интеграции со кој дополнително се нарушува имиџот на Република Македонија. Неподмирувањето на долгот значи дека МРТ нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Во моментов, според информациите од централата на ЕБУ, МРТ нема пристап до содржините што се емитуваат преку нивните сервиси“- велат од ЗНМ.
Реакцијата на ЕБУ е последица на повеќегодишно недомаќинско работење на јавниот сервис за што треба да се сноси одговорност, велат од ЗНМ.
Според нив, исклучувањето на МРТ од ЕБУ е резултат на нефункционалниот модел на финансирање на јавниот сервис и на лошиот менаџмент.
