Знамињата на половина копје: Велес жали за трите дечиња кои прегрнати заминаа во смрт
Тажен ден денеска во Велес. Знамињата се спуштени на половина копје, а сериозна музика се слуша од угостителските објекти.
Градот е во жалост поради смртта на трите дечиња од четири, две години и единаесет месеци кои завчера во смрт заминаа прегрнати по пожарот кој засега не се знае како избувнал во импровизираната куќа на ридот Вршник.
Трошоците за погребот ќе ги покрие општината, а семејството ќе добие еднократна помош од 100 000 денари.
Истрагата која ја покрена ОЈО Велес продолжува а надлежните најавија подолго вештачење за причините поради кои избувнал пожарот.
„Денеска не ќе можеме да кажеме кои се причините за пожарот бидејќи очекувам вештачењето да трае подолго. По наредба на ОЈО ќе биде извршена обдукција на телата на децата и нивна идентификација, бидејќи истите по пожарот се најдени јагленосани“, рече вчера Гордана Тодорова в.д. јавен обвинител од ОЈО Велес.Според она што родителите го дадоа во изјава за полицијата е дека ги заклучиле децата дома и отишле до продавница. Смртта на дечињата ќе остане мистерија се додека не се заврши истрагата.
