ЗНАМ предлага да се намали бројот на пратениците на 90
ЗНАМ се залага да се воведе една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и на независните пратенички листи. Oва го соопшти потпретседателката на движењете ЗНАМ, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство.
Таа ја потврди заложбата на ЗНАМ за суштински и системски измени на изборниот модел во Македонија.
„Една изборна единица, всушност, беше и барање во одлуката на Уставниот суд“, истакна Бендевска.
Таа нагласи дека цврст став на ЗНАМ е да се намали бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки, и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес“, вели Бендевска.
Во врска со гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и за ефикасноста на изборниот процес во странство.
