ЗНАМ НЕМА ДА ЈА ПОДДРЖИ ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА ГАШИ: Павле Арсовски објасни зошто заземале ваков став
Движењето ЗНАМ нема да ја поддржи интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши, која ја поднесе политичката партија Левица.
„Мнозинството во Парламентот останува обединето“, соопшти пратеникот од ЗНАМ, Павле Арсовски.
Арсовски се осврна на дел од наводите во интерпелацијата, за кои сметаат дека се вредни за дискусија како давањето заклетва при преземањето на функцијата прво на албански па на официјалниот македонски јазик
„При давањето свечена изјава во Собрание, Движењето ЗНАМ смета дека дефинитивно е прекршен Уставот и како партија ја изрази својата загриженост преку ставот на претседателот Димитриевски и изјави на наши функционери, и во тој случај бевме доследни на тоа за што се залагавме“, рече Арсовски.
За настанот за одбележување на годишнината од Сребреница, меѓу другото Арсовски посочи, дека претседателот на Собранието дал објаснување дека е сплет на надворешни околности, а за инцидентот со претседателката на Косово на меѓународниот аеродромот во Скопје, рече дека Гаши можел да постапи помудро да не се инволвира, но и дека не лоцираат во него лична одговорност. Движење ЗНАМ смета дека Гаши сепак требало да најде начин да не се инволвира и како што подвлече Арсовски, овој настан беше предмет на брза интерна истрага на МВР, која имаше експресна завршница со суспензија од работа и кривична пријава против припадникот на МВР.
„Грешки во работата се можни и ние како партија ЗНАМ сме ги апострофирале“, рече Арсовски.
