Значаен раст на приходите на Стопанска Банка Битола!
„Стопанска банка а.д. Битола во периодот 01.01-30.06.2014 година, оствари раст од 33,05% на нето приходите од камати споредено со истиот период од претходната година. При тоа приходите од камати се зголемени за 19,49%, додека расходите за камати се повисоки за 3,07%. Ваквото остварување пред се е резултат на зголеменото бруто кредитно портфолио и подобрената квалитативна структура на кредитите по наплатата на дел од нефункционалните кредити“, се вели во коментарот од банката на финансиските извештаи објавени денеска на Македонска берза.
Од банката додаваат и дека „значајно е што и покрај зголемената кредитна активност стапката на адекватност на капиталот со состојба на 30.06.2014 година изнесува 21,68% што е доста повисок процент од законски пропишаниот минимум од 8%.
Зголемениот обем на кредитни работи и работи во платниот промет, како и доброто управување со трошоците, позитивно се одразија врз нето приходите од провизии и надоместоци така што истите се зголемени за 15,05% споредено со првата половина од претходната година.
Останатите приходи од дејноста се скоро шест пати повисоки од остварените во периодот 01.01-30.06.2013 година што главно се должи на капитални добивки од продажба на дел од преземениот имот. Нето приходите од курсни разлики се поголеми за 75,64%.
Следствено на зголемениот обем на работа и зголемениот број на вработени, трошоците за вработените бележат годишен раст од 10,34%. Амортизацијата и останатите расходи од дејноста се зголемени за 18,88% и 5,99%, соодветно“, пишува во коментарот.
Стопанска Банка АД Битола соопштува дека „финансискиот резултат на Банката за периодот 01.01-30.06.2014 година, пред исправка на вредност на финансиските средства и загуба за оштетување на нефинансиските средства, е позитивен и изнесува 69,53 милиони денари што претставува значајно подобрување во однос на истиот период минатата година кога финансискиот резултат пред исправка на вредноста и загуба за оштетување беше негативен и изнесуваше 7,33 милиони денари.
И покрај позитивните трендови во работењето, во првата половина од 2014 година, Банката издвои загуба поради оштетување на нефинансиските средства во износ од 121,92 милиони денари согласно Одлуката од НБРМ за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања. Издвоената исправка на вредност на финансиските средства изнесува 7,70 милиони денари. Следствено на претходно кажаното, финансискиот резултат на Банката за периодот 01.01-30.06.2014 година, по исправки на вредност и загуби за оштетување е негативен и истиот изнесува 60,08 милиони денари.
Во контекст на подобрувањето на финансиските резултати, Банката ќе продолжи со преземање на соодветни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Банката и во идниот период ќе настојува да го одржи трендот на раст на нето приходите од камати и провизии со што би се создале услови за уште позначајно подобрување на финансискиот резултат и покрај неповолната економска состојба во земјата и светот како последица на светската финансиска криза“ се вели во коментарот на финансискиот извештај.
Слично
