ЖИВОТ ВО БЕТОНСКА ЏУНГЛА НА +40 ИЛИ ВО ЗЕЛЕНИЛО КАДЕ ВРИЕ ОД КОМАРЦИ: Кое е помалото зло за граѓаните?
Научниците со
години наназад предупредуваат дека единствен спас од глобалното затоплување е
намалување на стакленичките гасови и што повеќе зеленило во градовите. Веќе е
докажано дека во урбаните средини каде што има бујна вегетација температурата и
во текот на летните периоди е за некој степен пониска од населбите каде што има
само високи бетонски згради без ниту едно засадено дрво. Но, за граѓаните на
Скопје ова се две зла, не знаат само кое е помало.
-Целиот свој живот го поминав во Скопје, не паметам вакво лето. Сме имале пеколни горештини, но барем навечер можело да се спие, постоеше таа вечерна или утринска свежина. За жал, градот веќе не го препознавам. Нема место, нема маало, каде што „не никнаа„ згради, висококатници. Е сега нема воздух, нормално дека ќе нема. Секоја педа е бетон. Цели дрвореди беа безмилосно исечени, а ние само немо гледавме. За да не седам во станот постојано под клима, речиси секоја вечер одам кај сестра ми. Има куќа со убав голем двор во Црниче, но и таму не се седи, можеби температурата е навистина за два-три степени пониска, но врие од комарци. Само не знам кое зло е помало, вели 79 годишната Илинка од Скопје.
Скопјани паметат дека прскањето против комарци во главниот град се правело неколку пати, и дека навистина било успешно.
-Колку што се сеќавам, беше најавувано ден претходно за да може пчеларите да си ги заштитат кошниците со пчели и со мед. Се прскаше рано изутрина околу 5.00 часот, и бидејќи воздухот мирисаше на нафта секогаш ги затворавме прозорците, но потоа немавме проблем со комарците. Јас сега не знам со што се прска, нема никаков ефект, напротив, откако ќе се испрска има уште повеќе комарци, посочува Владо од Скопје.
Граѓаните ценат дека во нардените години може да биде само уште полошо бидејќи глобалното затоплување веќе зема огромен замав. Единствено, како што велат, во текот на топлотниот бран им останува само да ги следат препораките на здравствените власти за тоа како да се заштита од пеколните температури.
А, во последното соопштение на Институтот за јавно здравје се наведува дека екстремно високите температури се голем ризик за шовековото здравје.
-Иако изложувањето на сонце има значителни здравствени придобивки, за жал, со климатските промени, топлотните бранови се сѐ почеста појава и се подолги и потопли. А ризикот на човековото здравје рамномерно се зголемува.
Избегнување на изложување на сонце
Најважниот чекор е да се држите подалеку од сонце со престој во затворен простор или во засенчена област во најжешките часови од денот-помеѓу 10 и 17 часот.
Соодветен третман при изложување на сонце
Изберете поладна и пократка рута до крајната дестинација. Кога сте на директна сончева светлина, по ваша проценка, покријте го видливиот дел на телото носејќи светла и широка облека и очила со УВ заштитен фактор.
Редовно нанесувајте крем за сончање со минимум фактор на заштита 30 (по потреба консултирајте се со Вашиот лекар или фармацевт).
При нанесување на крем за сончање, покрај нанесување на лицето, не ги запоставувајте и други откриени делови на телото, деколтето, ушите и вратот.
Покријте ја главата со капа која ќе овозможи комплетна засенченост на уши, нос и врат или користете чадор со бела боја. Исто, лепезата може да биде добра алатка во справување со топлината.
Не заборавајте да правите редовни паузи во затворени простории или во засенчени места за да избегнете топлотна исцрпеност или топлотен удар.
Можете да понесете со себе спреј со вода или шише со вода и повремено да прскате или со рака да нанесете. Алтернативно, ставете ладни облоги.
Измијте ги рацете, вратот и нозете. Изложувањето на вода на овие регии ќе придонесе за брзо и ефикасно ладење.
Анита Буховски
