Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖИВОТ ИЛИ МЕНГЕМЕ ЗА КУЛТУРАТА: Лабина Митевска VS Заев

ЖИВОТ ИЛИ МЕНГЕМЕ ЗА КУЛТУРАТА: Лабина Митевска VS Заев

По отвореното писмо на актерката и продуцент, Лабина Митевска упатено до премиерот, Зоран Заев, поврзано со колумната на Златко Теодосиевски со наслов „Политикантски памфлет“ објавена на 2 октомври 2017 година на порталот „Плусинфо“,  Министерството за култура на Република Македонија децидно ги отфрла обвинувањата за какви било закани и притисоци од страна на Министерството за култура и Владата на Република Македонија по однос на прикажувањето на филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска, во производство на продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

Напротив, велат дека токму Владата на Република Македонија, надлежната Агенција за филм и Министерството за култура помогнаа да се разреши ситуацијата од пред неколку месеци помеѓу организаторите на Фестивалот, Друштвото на филмски професионалци на Македонија и продуцентите на филмот, по што тој и беше прикажан на годинашното издание на Фестивалот „Браќа Манаки“.

„Во тој контекст, би сакале да потенцираме дека претставниците на Министерството за култура и на Владата на Република Македонија принципиелно застанаа на ставот да не го гледаат филмот пред неговата јавна премиера преку понудениот линк од продуцентката Митевска, ниту пак да го гледаат филмот на понудената затворена проекција од страна на продукцијата, токму затоа што не се гледаме себеси во улога на цензори или на комисии што се својствени за недемократски режими и за системи на едноумието. Министерството за култура и Владата на Република Македонија и со овој потег потврдија дека одбиваат да бидат оценувачи и рецензенти на уметноста, нешто што беше пракса на минатата власт, туку дека застануваат цврсто зад промовирањето на слободниот уметнички израз и слободата на говорот. Сметавме и сè уште сметаме дека единствен судија за уметничките дела треба да биде стручната јавност и публиката. Што се однесува до колумната на Златко Теодосиевски, би сакале да потенцираме дека неговата  колумна е негов личен став, и во никој случај не ги одразува официјалните ставови и политики на Министерството за култура. Вистина е дека Теодосиевски е посебен советник во Министерството, но неговото присуство на Фестивалот „Браќа Манаки“ и на проекцијата на филмот било во лично својство, а не во својство на советник во Министерството. Неговиот повеќегодишен колуминситички стаж и неговите колумни немаат и не смее да имаат никаква поврзаност со неговиот ангажман и задолженија во Министерството“ - велат од Министерството за култура. 

Министерството за култура на Република Македонија упатува отворен повик до Митевска за отворен разговор, со  надеж дека ќе успеат да ги надминат овие недоразбирања.

Митевска во овие неколку недели му пишала три писма на премиерот Заев, но овој пат се обрати и јавно. 

„Е сега да ви раскажам како изгледа еден режим во раѓање, Вам на првиот борец против груевизмот, политичарот кој ја донесе слободата и демократијата во Македонија со раскрвавена глава. Во петокот наивно допатував во Битола каде буквално, пред влезот на хотелот ме пречека престрашеното лице на Агнес Годар, првата жена лауерат на специјална награда на овој фестивал, која е директор на фотографија токму на овој филм. Не ми ни дозволи ниту да се сместам со моето семејство па да ме почека да разговараме и не престана да ме бомбардира со прашања и да се чуди што се случува, што се случува со филмот. Набрзо потоа сфатив со неверување зошто е толку испаничена. Замислете, шест години го водев фестивалот и го градев тимот и нема кој да ти се насмее, нема кој да те поздрави, спуштаат и вртат глави. Исплашени да не ги види некој дека се срдечни или да не покажат некаква блискост. Општествено политички неподобнa! А странските новинари во чудо. Е ова досега беа индиции и впечатоци, а сега малку за евидентни докази за раѓање на нов и многу пострашен режим од груевизмот за кој доколку Вие не реагирате под итно ќе ја сносите директно целата одговорност. Господине Премиер, на 2.10.2017 во Плусинфо и во печатеното издание на васникот Слободен печат на 4.10.2017 бр.1180 беше објавена колумна на Златко Теодосиевски 'Политикантски памфлети', која ја прекина мистеријата кој стои зад таа хајка и кој ја шири таа пизма и води кампања за етикетирање, оцрнување и обвинување. Дотичниот е посебен советник на Министерот за култура во Владата на РМ со која претседавате Вие господине Заев и доколку по ваквиот негов клеветнички неоснован напад Вие не реагирате и го оставите да ја шири својата токсичност води до заклучок дека сте покровител на овој политички прогон, невиден на овие простори од најцрните тоталитарни периоди. Да Ве потсетам што Ви напишав во првото писмо, ако сте го прочитале, а се сомневам, бидејќи посебниот советник, само еден ден по завршувањето на фестивалот го објави веројатно најсрамното писание во историјата на македонската култура. Во првото писмо до Вас јас Ви објаснив дека битките за признание и почит дома јас ќе си ги водам, но дека од Вас барам заштита од политички притисоци. Епа ако вака го замислувате заштитувањето сме го обрале бостанот“ - пишува Митевска во дел од писмото. 

Колумната на Теодосиевски е објавена деновиве. 

„Зашто филмот „Кога денот немаше име“ е политикантски памфлет без преседан во македонската култура, зло кумулирано во деведесетина минути кое што свири на тенките националистички и етнички жици, подметнува, обвинува, се затскрива зад група млади луѓе за да шири омраза и невистини … Тоа е неговата основна и крајна цел и тука нема ама баш никакви дилеми. Зашто, прво, еден филм со сериозно обмислен творечки концепт, никогаш не би се концентрирал на тема каква што е случајот „Монструм“ тоест „Смилковско езеро“. Зошто? Затоа што тоа е политички и судски – незавршен случај! Со што тогаш се бави филмот, со која и каква приказна, и врз основа на што директно и неотповикливо обвинува? Што, во случајов, се сценаристите, режисерката, продуцентката: полиција, обвинители и судии, во едно? Плус – филмаџии? И кому му го поттураат тоа кукавичко политикантско јајце, овде вообличено во типичен памфлет од нацистички (Рифеншталовски) происход? На македонската јавност, на албанската јавност, на обете? И со каква нечесна намера?“ - пишува тој во колумната. 

И не е никаква тајна во кое време беше смислено ова „остварување“ – иако останува тајна од кого, и зошто, но и тоа ќе се утврди – и целосно исфинансирано како божем врвен производ на македонската кинематографија, додава Теодосиевски. 

Слично

Поврзани вести