Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖИВЕЕЊЕТО ВО СИРОМАШТИЈА ПРЕДИЗВИКУВА ТРАУМИ: Со какви проблеми се соочуваат луѓето кои во детството имале вакво искуство?

ЖИВЕЕЊЕТО ВО СИРОМАШТИЈА ПРЕДИЗВИКУВА ТРАУМИ: Со какви проблеми се соочуваат луѓето кои во детството имале вакво искуство?

Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, а животот во вакви услови предизвикува трауми. Во текот на животот, овие луѓе се соочуваат со анксиозност, социјална анксиозност, стануваат работохолици и се плашат да не се најдат во ситуација да немаат пари за егзистенција. Стравот од сиромаштија е причината поради која штедат.

„Кога човек растел во финансиска несигурност, долгови, кога му кажувале „немам, внимавај“, неговиот нервен систем го памети стравот од сиромаштија. Тие луѓе не штедат затоа што се рационални, туку затоа се плашат од сиромаштија. Работат прекумерно, не само од амбиција, туку од страв дека нема да имаат доволно. Тешко бараат помош, затоа што научиле дека никој нема да ги спаси уште во детството. Ова во психологијата се нарекува „оскуден менталитет“ - тоа е начин на размислување во кој чувството на недостиг постои, дури и кога реалниот недостиг повеќе не постои.  Човекот почнува да ја мери сопствената вредност преку сигурноста која може да ја купи, а парите се гаранција дека нема да ја почувствува болката од минатото. Живот воден од страв не создава чувство на изобилиство. За разлика од другите трауми, кај овие луѓе самодовербата е на многу високо ниво, ама во однос на родителскиот и партнерскиот живот, тие се на ниско ниво и тука се губат. Токму во тоа е парадоксот, каде што навидум вистинското закрепнување започнува, но никогаш не завршува. Најголемата сигурност не е во неговата сметка, туку во довербата дека ако повторно изгуби нешто, нема да се изгуби себеси. Овие луѓе страдаат од анксиозност и социјална анкциозност, дури и по мал неуспех“, вели психологот Иле Махлијанов.

Граѓаните велат дека живеењето во сиромаштија остава трајни последици врз луѓето. Објаснуваат дека без пари луѓето тонат во проблеми, не можат да ги покријат животните трошоци, не можат да си дозволат да се образуваат, да се лекуваат и слично.

„Луѓето се разболуваат, немаат пари за да се лекуваат. Не мора луѓето да се богати, но да имаат доволно за живот. Живеат под стрес затоа што не можат да си го дозволат тоа што го сакаат, и живеат во страв за тоа што може утре да се случи“, рече Трајка Лазаревска, граѓанка.

Додаваат дека поради сиромаштија многу луѓе со години не одат на одмори и тоа ги фрустрира.

„Нормално дека сиромаштијата остава траги кај луѓето. Важно е луѓето да имаат приходи за нормален живот“, кажа Гордана Богдановска, граѓанка.

Луѓето се со став дека денес има големи класни разлики и тоа создава негативни емоции кај луѓето кои се посиромашни.

„Ние живееме во време кога сите бевме скромни, имавме редовни примања, а сега има богати и сиромашни. Луѓето кои се сиромашни немаат самодоверба, но кога состојбата ќе им се подобри, можеби и ќе се сменат“, вели постара жена.

Квалитетот на животот зависи меѓудругото и од финансиите.

„Денес ако немаш пари, не можеш ништо да направиш“, рече Соња Стојковиќ, граѓанка.

Секој петти граѓанин во Македонија тоне во сиромаштија. Најновата статистика покажува дека 21,9 отсто од граѓаните во Македонија живеат под прагот на сиромаштија. Најпогодени се самохраните родители и многудетните семејства.  Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката на сиромаштија достигнува 54,8 проценти, што значи дека секое второ вакво семејство се соочува со сериозни егзистенцијални предизвици.Слична е состојбата и кај самохраните родители, каде што 45,8 проценти живеат во сиромаштија, што укажува на системски проблем со финансиската сигурност на оваа ранлива категорија граѓани. Ова се податоци кои претходно ги објави Државниот завод за статистика(ДЗС).

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести