Економија, финансии, бизнис

Контакт

Живееме брзо како на Запад или се движиме во таа насока ?

Живееме брзо како на Запад или се движиме во таа насока ?

Граѓаните често знаат да кажат дека живееме брз начин на живот. Велат дека посебно помладите се во трка со обврските, со цел да заработат повеќе и да си обезбедат повеќе удобности.

Според нив, многу работи во поглед на менталитетот и животните навики се смениле, но и допрва ќе се менуваат во иднина.

„За младите мислам дека живеат брзо, имаат многу обврски, а дали е исто како на Запад, не можам да кажам затоа што не сум била“, рече Добрила Цветковиќ, граѓанка.

Поради трката по пари, страда слободното време.

„Имаме обврски, цело време сме во трчање. Западот сепак мислам дека не сме го стигнале по начинот на живот“, рече Жаклина Петковска, граѓанка.

Брзиот начин на живот влијае на семејниот и социјалниот живот.

„Младите живеат напорно. На работа во приватен сектор се во трка со обврски“, кажа Верица Костовска, граѓанка.

Психологот Јаворка Постоловска објаснува дека за разлика од порано, во нашето општество има промени, се живее подинамично. Како ќе биде во иднина не може да се предвиди, но очекувано е дека начинот на живот ќе се менува.

„Повеќе потреби, повеќе барања, наметнуваат побрз начин на живот. Поради преоптовареноста со обврски, страда слободното време кое претходно сме го посветувале на себеси, на дружење. Од брзиот начин на живот е погодено семејството, трпат и децата, затоа што помалку им се посветува внимание, родителите имаат помалку време за нив“, рече психологот.

Драги Илиев од Здружението за македонско – германско пријателство повеќепати ја посетил Германија и вели дека сме далеку од западниот брз начин на живот.

„Таму се работи многу, но се работи одговорно и дисциплинирано. Кај нас мал дел од луѓето живеат брз начин на живот, тоа се оние кои се поспособни. Многу сме далеку и не можеме да го стигнеме тој начин на живот“, рече Илиев.

Зурап Куртовски од Скудриње, вели дека многу жители од селото се на Запад, но смета дека нашиот начин на живот се разликува од тамошниот.

„Во Италија луѓето од понеделник до петок живеат за работата, а викендот го користат за да се видат со пријателите. Луѓето се ладни, секој си гледа за себе, а ние имаме поинаков менталитет. Дури како просветен работник, мислам дека и на децата не им се посветува многу внимание“, рече Куртовски.

Социологот Татјана Филиповска вели дека брзиот начин на живот е одлика на големите градови.

„Кај нас тоа се однесува за Скопје, но не и за другите градови. Во Скопје, луѓето патуваат до работното место, ќе заглават во гужви, дома имаат обврски, да подготват ручек, но во малите места не е така. Во помалите градови, луѓето едвај наоѓаат една работа, а не пак да работат и втора работа, дури и ако имаат слободно време“, рече Филиповска.

Таа смета дека кај нас и самата економска слика е пречка да кажеме дека живееме како во западните земји, каде луѓето имаат повеќе обврски, но и многу можности.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/biancoblue

Слично

Поврзани вести