Економија, финансии, бизнис

Контакт

Живее во една од десетте најчисти метрополи, и вели дека Скопје е како „длабока дупка“

Живее во една од десетте најчисти метрополи, и вели дека Скопје е како „длабока дупка“

Ванеса Алава која живее во Мадрид, вели дека иако шпанската престолнина е во топ 10 најчисти градови во светот, граѓаните сепак не се задоволни од квалитетот на воздухот.

Таа осум пати ја посетила Македонија, по професија е туристички водич,  и вели дека Скопје личи  на „длабока дупка“. Додава дека во главниот град на Македонија загадувањето е алармантно и тоа го забележала при посетата во јануари.

„Има сива атмосфера. Имате планини околу, но тоа е загаден град, иако јас сум човек кој ја сака Македонија“, смета Алава.

И нејзиниот град се бори со загадување, тоа  не е од големи размери, но вели дека таму се преземаат мерки. Се возат електрични автомобили, велосипеди, се користат современи начини на загревање на домовите.

„И овде не е чисто, и ние имаме загадување. Maдрид е загаден град, но кога излегуваме надвор ние имаме нормален живот, навикнати сме. Во Мадрид секогаш имаме убаво сино небо. Но, ако доаѓате од друг град, од периферија, ќе видите дека небото е покриено со чад.  Но, важно  е дека политичарите преземаат активности и ги зголемуваат прошетките со велосипеди. Во централното подрачје е целосно забрането да се возат автомобили. Има само јавен превоз, такси и некои овластени автомобили“, вели Алава.

Сепак, вели дека луѓето се мрзливи, и за нив е полесно да користат автомобил отколку велосипед. Повремено владата одлучува три пати неделно да има пар - непар. Оваа жена на работа оди пеш, а за да стигне до канцеларија има 20-тина минути. Тоа го прави затоа што има свест за околината.

„Сепак, се зголемува бројот на луѓе кои носат маски“, раскажува Алава.

„The Australian Financial Review Magazine“ во 2017 година во топ 10 светски метрополи, кои се со најчист воздух во светот ги рангираше Мадрид, Монако, Хелсинки, Талин, Монтевидео, Единбург, Отава, Канбера, Велингтон, и Стокхолм. За Мадрид се наведува дека има население од над 3 милиони луѓе,  но политиката на повеќе пешачки зони, достапен градски транспорт и географската локација на градот помагаат тој да се најде меѓу најмалку загадените метрополи во светот.

Главниот град на Саудиска Арабија, Ријад  на ова рангирање беше најзагаден во светот, а зад него беа Делхи и Доха.

На листата на air visual, синоќа Скопје беше 10-ти најзагаден град во светот, додека Мадрид го немаше ниту во првите 50 најзагадени градови. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести