Живеат во беда: Да помогнеме да се промени тажната судбина на сиромашно семејство од село Сопот
Фактор како дел од хуманата новогодишна кампања „12 елки – 12 медиумски приказни“ Ве повикува да донирате новогодишни подароци под елките, кои се наоѓаат на вториот кат во Скопје Сити мол.
Шестчлено семејство живее на работ на социјалната егзистенција во светиниколското село Сопот.
Социјалната помош едвај стигнува Трајан да ги прехрани двете дечиња, а на свој грб ја носи и сопругата, мајката и сестра си. Излишно е да се каже дека условите се ужасно лоши, а куќарката со две собички тешко дека е доволна за нив.
Таткото е невработен, и работи секаква работа што ќе му се најде за да им овозможи барем скромен живот на најмилите и сопругата која е од Албанија. Дополнителна грижа на Трајан му претставува мајката која е со оштетен вид и сестрата која има ментално нарушување.
Никој не заслужува да преживува наместо да живее или да се измачува во тешки околности. Реалноста за жал е таква и околу нас има многу семејства на кои очајно им е потребна помош.
Секој новогодишен подарок за ова социјално загрозено семејство и за двете момчиња е добредојден, од топла облека, обувки, хигиена, храна до се што е потребно за една празна куќа.
Затоа ве повикуваме да бидете хумани. Заедно можеме да им ги разубавиме празниците и барем малку да ги развеселиме.
Подароците кои ќе бидат собрани за семејството на крајот од кампањата по 4 јануари ќе бидат однесени во нивниот скромен дом.
Ние ги дониравме првите подароци под елките и со тоа апелираме до граѓаните да ја разбудат во себе емпатијата во празниците кои престојат и заедно да го усреќиме ова семејство.
