Жито Полог во минус: загуба од речиси 900.000 евра и пад на приходите од 40 отсто
Компаниајта Жито Полог АД Тетово во периодот јануари – декември 2025 година имала негативен финансиски резултат од 54.208.000 денари, односно околу 881 илјада евра, покажува неревидираниот биланс на успех на компанијата.
Во текот на 2025 година друштвото го применило стандардот МСФИ 16, додека други промени во сметководствените политики и методите на вреднување на позициите во финансиските извештаи нема во однос на последните ревидирани финансиски извештаи.
Вкупните приходи во анализираниот период изнесуваат 171.949.000 денари, односно околу 2,8 милиони евра, што претставува пад од 40 проценти во споредба со истиот период во 2024 година.
Во структурата на приходите доминираат приходите од продажба на производи и услуги, кои учествуваат со 99 проценти во вкупните приходи, но и тие бележат намалување од 27 проценти на годишно ниво.
Вкупните расходи во периодот јануари – декември 2025 година изнесуваат 225.672.000 денари, односно околу 3,67 милиони евра, што е намалување од 20 проценти во споредба со претходната година.
Во текот на 2025 година компанијата не исплатила дивиденда. Инвестициите во основни средства се минимални и изнесуваат 102.000 денари, односно околу 1.650 евра, додека продажбата и отписот на основни средства достигнува 243.875 денари, или околу 3.970 евра.
Од друга страна, вкупните обврски по кредити достигнале 114.689.000 денари, односно околу 1,86 милиони евра, што претставува зголемување од 67 проценти во однос на претходната година.
Од друштвото посочуваат дека во наредниот период ќе се прават напори за подобрување на финансиските резултати и одржување на ликвидноста. Планирани се активности за пронаоѓање нови пазари, подобрување на квалитетот и проширување на асортиманот на производи, со цел стабилизирање на работењето.
Бидејќи компанијата нема обврска да објавува финансиски план, не е даден коментар за исполнувањето на финансиски план за претстојниот период.
П.О.