Економија, финансии, бизнис

Контакт

Жителите од Ново Маало: Подготвени сме да тужиме и блокираме улици

Жителите од Ново Маало: Подготвени сме да тужиме и блокираме улици

Утрово во емисијата Утрински Брифинг,жителите на Ново Маало уште еднаш ги изнесоa ставовите во врска со евентуалната суспензија на ДУП-от кај Холидеј Ин, за која деновиве ќе одлучува Општина Центар, кои рекоа дека „живеат во 19 век“.

„Во оваа прилика сакаме уште еднаш да порачаме дека ние нема да дозволиме да ја испуштиме и оваа шанса за да добиеме нормален дом. Повеќе од 50-60 години ние сме жртва на институциите кои не најдоа решение за нашиот проблем. Децении наназад ние не сме во можност една шајка да заковаме, а да не зборуваме за доградби, фасади, реновирање. Живееме во 19 век. Овде одамна веќе нема нормални услови за живот, кал до колена, калдрма од турско време, нерешено греење, прокиснати кровови, депонија на ГТЦ“, велат жителите.

Од таму велат дека конечно имаат инвеститор кој преку фер обештетување им го решава деценискиот проблен, додека извесни граѓански организации и активисти им го попречуваат тоа право. Велат дека се подготвени да тужат доколку се суспендира урбанистичкиот план.

„Да не заборавиме една работа, правото на сопственост е уставно загарантирано право. Никој, апсолутно никој, освен нас не може да одлучува за тоа што ние ќе правиме со нашиот имот. Ние ги почитуваме институциите, сите овие години. Молчевме и чекавме институциите да сфатат дека во срцето на Центар, живеат луѓе во супстандардни услови, а кои како и сите други, имаат право на хумано домување. За жал, од нашето почитување кон институциите до сега не видовме ништо.
Сега сме спремни да ги земеме работите во свои раце. Ние минатата недела поднесовме, последно, петиција до Опшина Центар и Влада на РСМ во која категорично наведовме дека нема веќе да молчиме и да го трпиме ова што некој од удобноста на своите комфорни станови ни го прави. Се консултираме со правници, експерти и подготвени сме да тужиме доколку се случи суспензија на планот“, реагира оваа заедница.

Три години трпеле штета од мораториумот и велат дека се подготвени да ги блокираат сите улици, додека за барањата за зеленило велат дека тоа не е јавен простор, туку дека се работи за приватни парцели.

„На нашата петиција на која има преку 350 потписи, не се само луѓе од Ново Маало. Поддршка ни дадоа и некои комшии од Градски ѕид и граѓани кои сочувствуваат со нашиот проблем. А за оние од Градски Ѕид кои потпишаа против нас, нека им служи на чест. Кога се правеа нивните згради, ние ново маалци дадовме и поддршка и помош.

Инаку што се однесува до барањата на дел од граѓаните за парк и зеленило, прво да појасниме дека и ние сакаме зеленило, а инвеститорот на парцела 1.1 планира многу повеќе зеленило од она што го бара Законот за урбано зеленило (20%). Преку 6000 м2 зеленило е предвидено на 1.1. Сега овде нема воопшто зеленило, само паркинг со распукан бетон и трошни куќи. 

И многу важно за сите активисти, ова овде не е јавен простор. Ова се приватни парцели, приватен имот. И нема да прифатиме никаков јавен конкурс за нашите имоти. ДУП и ГУП се усогласени, на оваа локација се превидени станбени згради и деловен простор, тоа и ќе се гради“, сметаат тие.


Слично

Поврзани вести