Жителите на населбата „Јака“ со протест пред Општина Илинден: Плативме 1,4 милиони евра, а не добивме ништо
Сопствениците на парцелите во населбата „Јака“ со протест пред Општина Илинден, побараа да се изгради инфраструктурата која им била ветена, како што велат, според договорите, а за парцелите тврдат дека веќе платиле 1,4 милиони евра и дополнителни комуналии.
Веќе деветта година, велат тие, наместо во елитна населба, секојдневно газат во кал и одат во мрак, а наместо канализација, користат септички јами.
Велат дека не се точни тврдењата на градоначалникот Жика Сројановски дека плацевите ги купиле за 1 евро од квадрат, туку преку електронска лицитација со почетна цена од 2,5 евра, која достигнувала од 10 до 25 евра од метар квадратен, или во просек над 6.000 евра по парцела. Според нивните информации, станува збор за 1,4 милиони евра вкупен приход, плус средства од комуналии.
Комуналиите од 2 евра по квадрат важат, велат незадоволните граѓани, за целата општина, од каде тврдат дека поголемиот дел од инфраструктурата треба да го финансира Владата. Стојановски во меѓувреме изјави дека до крајот на годината ќе биде изградена канализација, со пари кои општината ги доби од ТАВ, преку Владата.
-Дајте јавно да го видиме тој договор. На крајот на краиштата дури и да постои таков договор, во што не веруваме, тоа не значи дека треба да не оставите на цедило, бидејќи договорите за купопродажба на парцелите, со кои не обврзавте со рокови за градба, ние ги потпишавме со општина Илинден, а не со Владата, велат жителите.
