Економија, финансии, бизнис

Контакт

Жителите на Карпош си го бараат мирот и спокојот, општината тврди се е по закон

Жителите на Карпош си го бараат мирот и спокојот, општината тврди се е по закон

“Не бараме многу, сакаме да се донесе веднаш мораториум на измените на ДУП-овите и ревизија на претходните во општина  Карпош.  Да видиме кај сме и што може да се поправи. Сакаме уредена, чиста, зелена, мирна урбана населба, во која ќе се движиме безбедно, во која ќе има простор за сите, која ќе има голем зелен парк на потегот од Хотелот Александар Палас се до мостот Обединети  нации, а сите мали запуштени простори да ги претвориме во мини зелени паркови”- вели за Фактор, Александра Маројевиќ која со години живее во населбата  Карпош 3.

Се сеќава дека некогаш мирната, урбана и тивка населба денеска живее 24 часа но со темпо кое влијае на здравјето и животот на граѓаните. Општината секогаш тврди дека се е по закон, а како што вели жителката на Карпош од ден на ден  загадувањето е се поголемо  како и  движењето на возила заради многубројните нови комерцијални и резиденцијални објекти, има се помалку паркинзи, а  се повеќе смет, а често вели може да се видат излеани канализации во шахти и по улици.

“Евидентно е и не може да се скрие дека во општина Карпош има градежна офанзива на сметка на зеленилото. Целата општина особено  Карпош 3, Карпош 4, Тафталиџе 1и 2, одлично и по мерка на граѓаните функционираше неколку децении. Од пред неколку години, веројатно по промена на некои урбанистички норми, почнаа да се носат ДУП-ови и да никнуваат огромни објекти каде не сме можеле ни да замислиме дека е можно да се изведе објект. И безбедноста на движење на сите е загрозена. Тротоар на улицата Никола Русински нема барем на половина од нејзината должина, на останатата половина има само на едната страна. Се друго е прекриено со паркирани возила. Улицата е едносмерна и има две ленти, а најголем дел од денот се вози по само една, на другата има паркирани коли. Улицата е толку прометна да веројатно наскоро ќе ни треба и семафор за да можеме безбедно да ја преминеме. А на оваа улица ќе се движат  жителите и посетителите-клиенти на новите 11 објекти, како пешаци и со своите возила”- објаснува Маројевиќ.

Со општината вели комуницираат  како “глувиот и слепиот”. Последиците кои ги трпат граѓаните од како што го нарекува урбан терор ниту можат да се скријат, ниту да се поправат.

“Тие не убедуваат во едно, ние гледаме и си тргаме маки, дишеме најзагаден воздух во Скопје,  амбиентната темпертура е зголемена во лето, бучавата во некогаш мирната и една од најубавите населби е неподнослива до доцните часови. И Општината повторно не убедува дека ни е многу убаво, гради за наше добро, за нејзините жители, а цената на нашите станови е намалена за околу 30% од пред неколку години. Тоа се параметри, бројки, факти пред кои треба да се замолчи и да се прекине со лагите и манипулациите. о јас сум убедена дека некој одговорен ќе одговара пред Законот”- додава жителката на Карпош.

Револтот кај граѓаните го разгоре   јавната  седница  која се  одржа пред еден месец. Според Александра, таа била се,  само не јавна и транспарентна седница на која требало да се чуе мислењето на граѓаните.

“Јавната седница  во ОУ “Лазо Трповски”  беше закажана во 14 часот во работен ден четврток, што наиде на негодување кај голем дел од жителите кои заради работните обврски не беа во можност да присуствуваат. На влезот вработен во Општината ни побара лични карти со објаснување дека можат да влезат само оние со живеалиште во Карпош 3. Некои од повозрасните жители на Карпош 3 беа вратени од пред вратите бидејќи не ги носеа личните карти за да им биде проверена адресата. Поголема група жители остро реагиравме на ваквиот рестриктивен начин кој не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање каде е потенцирано дека учество на Јавната презентацијата и анкетата има секое заинтересирано лице, без никакво ограничување. Организаторот попушти под притисокот и во присуство на полицијата беше избегнат инцидент.Просторијата во која беше одржана презентацијата беше несоодветна за бројот на пристигнати и заинтересирани жители. На ваков начин уште од самиот почеток беше создадена негативна атмосфера, одговорните лица беа арогантни и беше очигледно дека не сме добредојдени. Атмосферата ја подгреваше и присуството на скоро сите вработени во Општината,  кои како кордон беа наредени додека ние се движевме кон просторијата. Беше тоа уште еден начин на притисок и манифестација на сила.Нивната ароганција кулминираше, а како последица на тоа и  незадоволство на присутните, кога г-ѓата која го изработила ДУП-от (овој и претходниот)изјави дека во однос на претходниот од 2016 , патем донесен на Бадник со многу пропусти во законската постапка, промена има само во една сервисна улица која е проширена за да се добијат нови 22 паркинг места. Пред нас имаше цртеж на кој беа вцртани 11 нови висококатници,  а тие ни презентираа уличка”- раскажува Маројевиќ.

Граѓаните се револтирани од можноста да се изградат десетина нови згради на јавните површини во оваа населба граѓаните и од можноста да ги снајде истата судбина како во случајот со населбата Тафталиџе, каде што  се градат десетици станбени згради. Велат животот е прекраток и прескап за да се крои по политичко-бизнис интереси наместо по потребите на граѓаните.

“Бизнис димензијата можам да ја согледам и таа ја движи градежната офанзива  за теророт за кој зборував. Веројатно е многу поволно, односно огромен профит се создава кога градите на уредено градежно земјиште кое ја има целата примарна и секундарна инфраструктура, инаку зошто би влегувале во вакви конфликти со граѓаните, да носите ДУП на Бадник,  па ноќе или рано наутро да сечете дрва и заградувате плацеви, па наредниот ден оградите да ви ги рушат соседите, во наредна прилика  да изјавите дека ќе има игралиште, а набргу никнува огромна зграда, а покрај неа поставувате две лулашки, а веднаш до нив се и  4 контејнери за ѓубре- бидејќи едноставно нема каде,  додека тоа оди како информација на сите медиуми.Политика секако има, и треба да има, тоа е сосема природно. Политичкото делување ги носи партиите на власт, а тогаш тие управуваат со сите значајни општествени процеси за нас. Оваа Општинска администрација создадена од неколку партии кои на последните локални избори освоиле најмногу гласови, работеше против интересите на најголем број граѓани  и за тоа има реални факти и бројки. Како ќе настапат на изборите и како ќе го побараат гласот на жителите, само тие си знаат. Сегашната опозиција има право и обврска да се легитимира преку активна борба овој ДУП да не биде донесен ако сметаат да ги побараат на следните избори гласовите на жителите од Карпош 3”- додава Маројевиќ.

Според неа ќе се  искористат сите правни можности проблемот да добие разрешница.

“Ние ќе ги преземеме сите со Закон пропишани активности овој ДУП да не биде донесен. Ќе ги искористиме сите правни можности да докажеме дека и претходно не се почитувани постапките и  е работено на наша штета. Покрај тоа, започнати се подготвителни активности за поднесување на индивидуалани тужби  кон две лица од Општинската администрација заради обиди со лаги да дискредитираат личности кои се залагаат овој ДУП да не биде донесен, а претходните да бидат оспорени пред соодветните институции”- потенцира Маројевиќ.

И додека жителите на Карпош 3 бараат мораториум за натамошната изградба на нови објекти, од општинската администрација тврдат дека единствена вцртана новина во ДУП-от бил новиот паркинг за општинската зграда. Општинарите ги повикаа граѓаните да ги достават своите забелешки на јавната анкета што трае до 4 септември. Градоначалникот Стевчо Јакимовски изјави дека Деталниот урбанистички план за Карпош 3 бил донесен во 1998 година, вклучувајќи ги и сите вцртани објекти што не се изградени до денешен ден.

С.Б.

Слично

Поврзани вести