ЖИТЕЛИТЕ КОНЕЧНО ДОБИЈА РЕШЕНИЕ: Општина Центар со столпчиња против дивото паркирање на улицата „Костурски Херои“
Со столпчиња на средина од коловозот, Општина Центар го реши проблемот кој со години ги мачеше локалните жители - узурпација на улицата „Костурски Херои“ кај Универзалната сала, со што практично е невозможно да се паркираат автомобили, велосипеди, но и таксисти кои досега таму чекаа случајни патници.
Општината се одлучи да ги подели двете ленти на идентичен начин како улицата „29 мај“ кај „Силбо“, со која ги дели Булеварот „Партизански Одреди“, а каде по поставените столпчиња, повеќе нема паркирани возила на коловозот.

Околните жители кои ги забележавме на улицата велат дека конечно, после многу години барања, можат полесно да поминуваат низ улицата.
„Ги нема паркираните автомобили. Можеме да поминеме нормално, а не да се плашиме од која страна ќе дојде некој автомобил. Оној ужас кој го гледавме секојдневно веќе го нема. Решение баравме многу долго“, вели еден жител на улицата.
Фактор претходно пишуваше за проблемот на жителите, кои цело време се жалеа дека улицата е непристојно место за живеење, особено за централна општина на главен град.
А.Т.