Зибери: Законот за јазиците ќе ја унапреди употребата на албанскиот јазик
Законот за јазиците ќе ја унапреди употребата на албанскиот, но нема целосно да го официјализира. За тоа се потребни уставни измени, вели за Алсат М, Насер Зибери, правник и поранешен пратеник.
Според него, предизвик за владата ќе биде спроведувањето на законските одредби, а за испраќањето на делови од законот во Венецијанската комисија, Зибери коментира дека тоа воопшто не било потребно.
„На територијата на една општина која има над 20% колку е уставниот лимит, државните институции не ја почитуваа двојазичната употреба. На пример Град Скопје, иако е двојазичен врз основа на Уставот, во сите институции со државен карактер не се почитуваше употребата на јазикот. Овде е направена дискриминација во смисла на функционалната и вертикалната употреба на јазикот, значи институциите на централната власт како што се Владата, министерствата, другите административни органи ја злоупотребиле употребата на албанскиот јазик и ова се надевам дека ќе се елиминира. А, дали може да се очекува крајно решение на проблемот, јас одговорно тврдам дека не затоа што самиот Устав на Република Македонија претставува тесна рамка за конечно решавање на овој проблем“ - вели Зибери.
Капацитетот на употребата на јазикот е прашање на внатрешната волја на политичките субјекти, додава тој.
