Жителите на Карпош и градоначалникот Јакимовски се спротивставија на идејата за зонско паркирање
Најавата за ширење на зонското паркирање во Скопје поттикна лавина од реакции на жителите на македонската метропола на социјалните мрежи, поголемиот дел од нив негативни.
Јавното претпријатие „Градски паркинг“ ја објави инвестициската програма за 2014та година, а во неа планирано е ширење на проектот за зонско паркирање низ повеќе реони во Скопје. Автокоманда, Ново Лисиче, Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Кисела Вода, Водно, Влае и Ѓорче Петров се предвидените населби, кои според инвестиционата програма на Градски паркинг треба годинава да добијат паркинг.
Најгласни во негодувањата за ширењето на зонското паркирање низ Скопје, беа жителите на општина Карпош. Според информациите на вработените во општината, простор за паника и негодување нема.
Бесплатен паркинг за жителите на општина Карпош, вети во предизборниот период минатата година, актулениот градоначалник на оваа општина, Стевче Јакимовски. Тој останува на ова ветување. Според надлежните од општина Карпош, градоначалникот и понатаму е со истиот став, во Општина Карпош нема да има зонско паркирање. Во оваа општина беше спроведен референдум на оваа тема, посочуваат од таму. Имаме 2000 нови паркинзи, 4 години интензивно работиме да обезбедиме доволен капацитет на паркинг за сите. Нема да дозволиме некој ова да го искористи, а од тоа да прави профит, децидни се од Општина Карпош.
Според јавното претпријатие „Градски паркинг“, годинава треба да бидат отворени нови 2.130 паркинг-места, од кои 1.261 се наменети за зонско паркирање. Ако се воведе зонското паркирање во нови населби, тоа ќе биде бесплатно за станарите, а гостите ќе плаќаат од час. Новите населби што ќе станат дел од зонското паркирање ќе бидат во таканаречената „бела зона“, каде што паркирањето е најевтино и чини 15 денари од час.
Меѓутоа ние, согласно правилникот за работа, за да отвориме нови паркиралишта, треба да добиеме иницијатива или од граѓани или од општина. Потоа, на основа на тие барања се спроведува анкета со граѓаните и ако се покажат позитивни резултати, и секако, ако соодветната општина одобри, претпријатието ќе го отвори паркингот“ , вели Борче Јакимовски, директорот на Јавното претпријатие „Градски паркинг“.
