Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зградите од Скопје2014 од Центар да бидат отстранети, фасадите на ЕВН, МЕПСО и НАМА вратени на старо: Работната група состави препораки

Зградите од Скопје2014 од Центар да бидат отстранети, фасадите на ЕВН, МЕПСО и НАМА вратени на старо: Работната група состави препораки

Објектите кои се дел од Скопје 2014 а се во Мал Ринг во Центар да бидат отстранети , фасадите да бидат вратени на првобитниот изглед, а јавниот простор да биде ослободен од трагите на проектот, ова се препораките на Работната група која беше формирана за проектот Скопје 2014 во општина Центар. Според нивните наоди во сите случаи без исклучок се работело за тешко прекршување, како што велат на сите позитивни закони што ја уредуваат материјата на подигање на споменици, законите за буџет и јавни набавки, како и законите за просторно и урбанистичко планирање и градење.

„Во Предлог - Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, Општина Центар - Скопје, плански период 2019-2024, не постои ниту трага од спомениците, дури ниту во геодетската подлога врз којашто графичките прилози на планот се вцртани, поради што во планот не постојат ниту плански одредби и мерки за решавање на проблемот на незаконските споменици и други градби од т.н. проект „Скопје 2014“. Од друга страна, со невцртувањето на постојни градби и споменици во предлог планот тој станува спротивен на законот, како да е правен на неажурирана геодетска подлога. Уште повеќе, не само што во предлог планот не постојат мерки за враќање на просторот во рамки на со закон утврдениот статус на земјиште за општа употреба, туку со него некои од спомениците се легитимираат така што им се потврдува незаконски формираната градежна парцела на земјиште за општа употреба и со планот им се даваат услови за градење, па така и овој план го претвораат во незаконски акт со кој се нарушува уставноста и владеењето на правото, заклучила комисијата.

Велат дека сите споменици што се изградени во планскиот опфат во периодот 2007 – 2016 како и оние што се во градба, треба да се регистрирани како постојни градби и да бидат во планот нацртани со геодетска линија како дел од постојната состојба и геодетската подлога. Се сугерира нумерација на сите споменици.

„Забелешките особено се однесуваат на Споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија, кои на најбрутален начин се ставени сред сообраќаен коридор, за коишто спротивно на устав и закон се формирани градежни парцели на сметка и во земјиште за општа употреба, јавна патна површина - градска улица и јавен простор: овие споменици не смеат да бидат со формирана градежна парцела и услови за градење во предлог планот, туку само со геодетска линија, како постојна состојба. Под истиот третман мораат да бидат и т.н. Шпански скали, со геодетска линија што ја опцртува катастарската парцела на незаконски отуѓената и приватизирана јавна површина: таму во планот не треба да има ништо друго освен јавна плоштадска површина, стои во заклучоците.

За галиите се сугерира да бидат обележани и да се уредат мерки за ревизија на сите други објекти во коритото на Вардар, незаконски изградени во предметниот период на реализација на „Скопје 2014“ и отстранување на оние што ги зголемуваат ризиците од плавење како и другите што и пречат на основната функција на коритото или на друг начин се спротивни на законот.

Предлагаат враќање на оригиналните фасади на згради што имаат големо значење како културно наследство и високи архитектонски квалитети, како што се зградите на бивша НАМА, ЕВН, МЕПСО. 

„Со овие забелешки се утврдува политиката на враќање на законот во центарот на Скопје, враќање на правата на граѓаните на јавен простор и визија за градски и граѓански центар ослободен од товарот на фашистоидни и други радикални, националистички и налудничави злоупотреби што го претворија центарот на Скопје во европска престолнина на кичот и политичката злоупотреба, стои во дописот од Комисијата.

Групата работи во состав - Мирослав Грчев, координатор и членовите Никола Наумоски, Донка Барџиева Трајковска и Златко Теодосиевски. 


Слично

Поврзани вести