ЗГОЛЕМЕНИТЕ ТРОШОЦИ ЈА НАМАЛИЈА ЗАРАБОТКАТА НА КРИСТАЛ – еве како сработи компанијата минатата година
Велешката прехрамбена индустриска компанија Кристал 1923 АД Велес во 2025 година успеала да оствари нето добивка од 1,4 милиони денари што е околу 23.000 евра.
Иако ова претставува значително намалување во однос на претходната година кога компанијата прикажа добивка од 17,2 милиони денари односно околу 280.000 евра, сепак, позитивен знак е дека годината ја завршиле со добивка.
- Според неревидираните финансиски извештаи за периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година, приходите бележат раст, но зголемените расходи влијаеле врз конечниот финансиски резултат – се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.
Во текот на 2025 година компанијата не направила промени во сметководствените политики и методите на вреднување во однос на последните ревидирани извештаи, ниту пак исплатила дивиденда на акционерите.
Вкупните приходи за 2025 година изнесуваат 996,3 милиони денари (околу 16,2 милиони евра) и се повисоки за 18,94 проценти во однос на истиот период лани. Најголем дел од приходите се остварени на домашниот пазар, додека приходите од странство бележат значителен раст од 48 проценти во споредба со претходната година.
Од друга страна, расходите достигнале 993,6 милиони денари (околу 16,15 милиони евра) и се зголемени за 21,5 проценти на годишно ниво. Зголемувањето на трошоците, кое е повисоко од растот на приходите, се одразило врз намалувањето на добивката во споредба со 2024 година.
Компанијата наведува дека позитивниот резултат за 2025 година произлегува од фактот што приходите сепак го надминале нивото на расходи во анализираниот период.
Во однос на инвестициите, во текот на 2025 година вложувањата во недвижности, постројки и опрема изнесувале 360,9 милиони денари (околу 5,87 милиони евра). Истовремено, забележан е раст на задолженоста.
- Обврските по долгорочни кредити на крајот на годината изнесуваат 126,3 милиони денари (околу 2,05 милиони евра) и се повисоки во споредба со истиот период лани, додека краткорочните кредитни обврски достигнале 201,7 милиони денари (околу 3,28 милиони евра), што исто така претставува зголемување на годишно ниво – се наведува во извештајот.
Кристал најавува дека и понатаму ќе работи на подобрување на производството и задоволување на потребите и очекувањата на купувачите, со цел да ја одржи пазарната позиција и квалитетот на своите производи.
П.О.
